Фото: Маја Јаневска Илиева

Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, изјави дека неодамнешната владина посета на германската покраина Северна Рајна-Вестфалија имала значајна политичка и економска димензија, со фокус на привлекување нови странски инвестиции и продлабочување на економската соработка.

Одговарајќи на пратеничко прашање од пратеникот Кире Божиновски од ВМРО-ДПМНЕ, Николоски рече дека делегацијата остварила средба со премиерот на Северна Рајна-Вестфалија, со кого биле разменети мислења за актуелните европски предизвици и можностите за соработка.

– Остваривме средба со премиерот на Северна Рајна-Вестфалија, кој во моментов, според сите истражувања на јавното мислење во Сојузна Република Германија, е најпопуларниот политичар во државата. Инаку, тој е член на владејачката Христијанско-демократска унија (ЦДУ), наша сестринска партија од Европската народна партија. Беше интересно да размениме мислења за актуелните случувања во Европа, за предизвиците со кои се соочува Европа, како и за нашите предизвици – рече Николоски.

Вицепремиерот посочи дека покраината е еден од најразвиените економски региони во Европа, со околу 18 милиони жители и бруто-домашен производ од околу 900 милијарди евра.

Во рамките на економскиот дел од посетата, делегацијата имала средба со раководството на „Дојче Телеком“, а како што рече Николоски, биле разгледани можностите за проширување на соработката и за нови инвестиции во земјава.

– Разговаравме и за потенцијални нови инвестиции што „Дојче Телеком“, преку „Македонски Телеком“, би можел да ги реализира во Македонија. Тие веќе развиваат проект за сопствен дата-центар, а беше отворена дискусија и за поширок опсег на инвестиции – изјави Николоски.

Според него, особено значајни за државата се инвестициите во истражувачко-развојни центри (R&D), кои би овозможиле ангажирање млади научници и развој на нови технологии.

– Разговаравме не само за билатералната соработка што можеме да ја оствариме, туку и за новите трендови и случувања во бизнисот и технологијата. Беа претставени нивните визии буквално за 22 век, односно како очекуваат да изгледа животот во 22 век – од тоа како би изгледал еден просечен дом, до тоа како би изгледало здравството и како би се движеле луѓето. Навистина импресивно, морам да признаам. Тоа е сектор што можеби најмногу ни е потребен во државата – да развиваме истражувачко-развојни центри, или R&D центри, каде што младите научници ќе можат да работат и да ја обликуваат иднината – изјави Николоски.

За време на посетата бил организиран и бизнис-форум со учество на компании што веќе работат во земјава, како и на компании што размислуваат за инвестирање во наредниот период. Делегацијата ја посетила и компанијата „Гересхајмер“, која веќе има инвестиција во Македонија.

Николоски оцени дека посетата донела значајни економски придобивки и отворила можности за нови инвестиции во наредниот период.

Тој, исто така, информираше дека во рамките на посетата биле реализирани средби со претставници на македонската дијаспора од повеќе европски земји, како и учество на меѓународна конференција посветена на безбедносните предизвици во Европа.

– Секако, круна на посетата беше конференцијата што беше организирана, на која присуствуваа неколку претседатели на европски држави, како и министри од различни влади. На конференцијата генерално се разговараше за безбедносната архитектура и безбедносните предизвици со кои Европа се соочува во моментов. Секако, тука на прво место е војната во Украина, но и сите други безбедносни предизвици со кои во моментов се соочува Европа, а преку тоа и светот – рече Николоски, пренесува МИА.