Управата за јавни приходи предаде специјално опремено патничко возило на Јавната установа од областа на здравството за потребите на јавните здравствени установи – Универзитетски клиники, завод и Ургентен центар – Скопје. Возилото има пристапна рампа и ќе се користи за превоз на лица со попреченост и намалена подвижност. Согласно одлука на Владата, возилото се отстапува на трајно користење, без надомест.
Возилото го предаде директорката на Управата за јавни приходи, м-р Елена Петрова, на министерот за здравство, Сашо Клековски, и директорот на Јавната установа, м-р Башким Бакиу. На настанот присуствуваше и заменик-директорот на УЈП, Кемал Кроси.
– Вредноста на јавниот имот не се мери единствено преку неговата книговодствена евиденција, туку и преку придонесот што може да го даде за граѓаните. Наша одговорност е со јавните ресурси да управуваме совесно и рационално, овозможувајќи нивно искористување таму каде што можат да создадат дополнителна општествена вредност – истакна директорката на Управата за јавни приходи, м-р Елена Петрова.
Примопредавањето е дел од активностите по повод Денот на даночните работници – Св. Матеј.
– Возилото ќе има секојдневна употреба. Секој ресурс што им го олеснува пристапот на пациентите до здравствената заштита е добредојден, особено за лицата со попреченост, за кои самиот превоз честопати е најголемата пречка – рече министерот за здравство, Сашо Клековски.
Исто така, УЈП донираше средства за Универзитетската клиника за респираторни заболувања кај децата „Козле“, со цел обновување на амбулантско-поликлиничкиот дел на оваа јавна здравствена установа.

































