Илустрација / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Двајца жители на Берово се осомничени за повеќе кривични дела, откако при полициски претреси на три локации биле пронајдени и одземени 16 уметнички слики, златен и сребрен накит, часовници, бижутерија, платежни картички, мобилни телефони и околу 8.000 евра во готовина.

Од СВР Штип информираат дека Одделението за внатрешни работи – Берово поднело кривични пријави против 50-годишниот Ј.М. и 45-годишниот Б.М., двајцата од Берово, поради постоење основи на сомнение за сторени повеќе кривични дела.

– Врз основа на претходно добиени оперативни сознанија, полициски службеници од Одделението за внатрешни работи Берово на 25.11.2026 година, со судска наредба, извршија претреси на три локации во домовите и други простории кај пријавените. Притоа, пронајдени се и одземени 16 уметнички слики, златен и сребрен накит, часовници, разна бижутерија, платежни картички, повеќе мобилни телефони и парични средства во висина од околу 8.000 евра, за кои постои сомнение дека потекнуваат од повеќе кражби и тешки кражби извршени на подрачјето – соопштија од СВР Штип.

При претресите бил откриен и случај на фалсификување пари. Полицијата пронашла 26 фалсификувани банкноти од по 50 евра, сите со ист сериски број.

Дополнително, при преземањето полициски мерки бил расчистен и случај на „оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“. Според информациите од СВР Штип, со две туѓи банкарски картички, од банкомати биле подигнати вкупно 50.000 денари.

– Додека, при преземање мерки, расчистен е и случај на ‘оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем’, во кој со две туѓи банкарски картички од банкомати лицата подигнале вкупно 50.000 денари – информираат од СВР Штип.