Фото: МЕРМС

Предвидлива законска рамка, стабилно снабдување со енергија и достапни финансиски инструменти се неопходни за декарбонизација на индустријата и зајакнување на конкурентноста на домашната економија, порача министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска на панел-дискусијата „Декарбонизација на индустријата, технологии и финансирање“, соопшти нејзиниот Кабинет.

На конференцијата „Индустријата и животната средина: профитот не е единствената цел“, организирана од Стопанската комора и УНДП, Божиновска истакнала дека државата треба да обезбеди поефикасни институционални процедури и побрза реализација на енергетските инвестиции. На тој начин, компаниите ќе можат долгорочно да планираат и да работат во попредвидливи услови.

– Ние треба да направиме законска рамка за да може да има поголеми инвестиции. Би било многу убаво кога компаниите би знаеле во следните пет години колкав ќе биде нивниот трошок за електрична енергија, наместо секојдневно да ја следат берзата и да се соочуваат со неизвесност. Тоа е ризик за секоја компанија, особено за оние каде што електричната енергија претставува значителен дел од трошоците. И приватните и државните компании треба да можат да планираат. Наша задача е да овозможиме предвидливост, да бидеме пофлексибилни и да ги скратиме процедурите, за компаниите да можат да инвестираат и да се развиваат – истакнала Божиновска.

Таа посочила дека, според Националниот план за енергетика и клима, за спроведување на предвидените мерки до 2030 година се потребни околу 10 милијарди евра. Од вкупно 61 предвидена мерка, 26 директно се однесуваат на декарбонизацијата.

Како важни механизми за поддршка на енергетската транзиција, министерката ги издвоила јавно-приватните партнерства и Платформата за праведна транзиција. Преку неа, пред меѓународните финансиски институции се презентираат проекти од енергетскиот сектор со цел да се обезбеди нивно финансирање.

CBAM и регионалното енергетско поврзување

На конференцијата било посочено и значењето на европскиот механизам за јаглеродно прилагодување на границите (CBAM). Божиновска информирала дека Министерството работи на воспоставување на потребната законска и институционална рамка за негово спроведување.

Таа нагласила дека гасната интерконекција со Грција, енергетското поврзување со Албанија и натамошната интеграција на електроенергетските пазари се меѓу клучните проекти за зголемување на енергетската сигурност и конкурентноста на домашната економија.