Екстремните временски услови денеска ги нарушија прославите на Денот на благодарноста за милиони Американци. Силни бури, обилни снежни врнежи и огромни бранови долж брегот предизвикаа прекини во снабдувањето со електрична енергија, поплави и сериозни проблеми во сообраќајот.
Околу 280.000 потрошувачи низ САД рано утринава останаа без струја, најчесто поради оштетени далноводи, покажуваат податоците на веб-страницата „PowerOutage.us“. Предупредувања за невреме и опасни временски услови беа во сила за околу 80 милиони жители, пренесе ДПА.
Најпогодени се сојузната држава Мисури, каде што наврна обилен снег, како и источните држави Вирџинија и Северна Каролина. Во меѓувреме, долж западниот брег, во близина на Сан Франциско, се формираа огромни бранови кои поплавија повеќе крајбрежни подрачја.
Во Њујорк, традиционалната парада на стоковната куќа „Мејсис“ по повод Денот на благодарноста за првпат е одложена поради предупредувањата за силно невреме. Како мерка на претпазливост, вонредна состојба е прогласена во делови од сојузната држава Њујорк и на целата територија на Њу Џерси.
Невремето ги наруши празничните патувања
Денот на благодарноста е еден од најзначајните национални празници во САД. Традиционално, семејствата се собираат на празнична трпеза на која најчесто се служат печена мисирка со сос од брусница и пире од слатки компири прелиено со стопени колачиња од бел слез.
Празникот е проследен и со масовни патувања, бидејќи милиони Американци заминуваат кај своите семејства. Тоа и годинава предизвика големи сообраќајни метежи, дополнително влошени од невремето.
Проблеми имаше и во авионскиот сообраќај. Од вчера до денеска низ земјата се откажани околу 450 летови, а повеќе од 6.000 доцнеле, според податоците на веб-страницата за следење летови „FlightAware“ и телевизијата „Си-ен-ен“. На повеќе локации беа затворени и патишта.
Огромни бранови поплавија делови од западниот брег
Бранови високи неколку метри удираа во морските насипи и поплавија бројни крајбрежни подрачја, предизвикувајќи штети на инфраструктурата.
Во Пасифика, крајбрежен град во близина на Сан Франциско, дел од дрвениот пристанишен мол се урна во Тихиот Океан. Објектот претходно бил затворен поради дотраеност.
На граѓаните им беше препорачано да одржуваат безбедно растојание од поплавените делови на брегот. Повеќе плажи се затворени, а привремено беше затворено и крајбрежното шеталиште во Сан Франциско, популарно меѓу туристите.
Состојбата дополнително ја влоши невообичаено високото ниво на плимата. Градоначалникот на Сан Франциско, Даниел Лури, им понуди на жителите вреќи со песок за заштита од поплави и ги повика да избегнуваат непотребни патувања.
Њу Џерси прогласи вонредна состојба
Предупредувања за бури и обилни врнежи беа издадени и за источниот брег на САД. Гувернерката на Њу Џерси, Мики Шерил, ги повика жителите, доколку е можно, да ги завршат патувањата ден пред празникот, бидејќи се очекува невремето да биде посилно на самиот Ден на благодарноста.
Таа предупреди на можни затворања и пренасочувања на патиштата. Шерил прогласи вонредна состојба на целата територија на Њу Џерси, со што се овозможува побрзо мобилизирање на помошта доколку биде потребна.
На претпазливост беа повикани и жителите на американската престолнина Вашингтон, особено оние што се наоѓаат во одредени делови од крајбрежното шеталиште долж реката Потомак.
Парадата на „Мејсис“ одложена за сабота
Градоначалникот на Њујорк, Зохран Мамдани, ги предупреди жителите за опасност од поплави во крајбрежните подрачја. Според неговата објава на платформата Икс, се очекува невремето што го зафати градот да го достигне врвот од попладневните часови до доцна вечерта.

Тој ги повика возачите да не се обидуваат да минуваат низ поплавени улици и предупреди дека силните налети на ветерот можат да урнат гранки и далноводи.
Поради опасните временски услови, традиционалната годишна парада на „Мејсис“, позната по огромните балони, е одложена за сабота. Балоните, кои веќе биле надуени, морале повторно да бидат издишани, на разочарување на многубројните набљудувачи, објавија локалните медиуми.
Според правилата на парадата, балоните не смеат да полетаат доколку налетите на ветерот надминуваат 55 километри на час. За денеска се прогнозирани налети со брзина од 80 до 97 километри на час, соопшти службата за итни случаи.
Големите фигури исполнети со хелиум вообичаено лебдат над поворката, а со нив управуваат бројни волонтери кои ги држат јажињата. Во парадата учествуваат и украсени платформи, дувачки оркестри, танцови групи и маскирани ликови.
Парадата на „Мејсис“ се одржува од 1924 година, кога њујоршкиот синџир стоковни куќи првпат ја организирал со цел да го означи почетокот на сезоната на божиќно купување. Првично била наречена Божиќна парада на „Мејсис“. Карактеристичните огромни балони биле воведени во 1927 година, заменувајќи ги живите животни што дотогаш биле дел од поворката.
Откажана и парадата во Филаделфија
Популарната парада по повод Денот на благодарноста во Филаделфија, која се смета за најстара во САД, целосно е откажана. Организаторите соопштија дека безбедноста на гледачите и учесниците е приоритет.
Манифестацијата се одржува од 1920 година, а годинава требаше да привлече стотици илјади гледачи, кои ќе ги проследеа огромните балони низ улиците на градот, оддалечен околу 130 километри југозападно од Њујорк.
Наместо традиционалната поворка, ќе биде емитувана алтернативна телевизиска програма со поканетите изведувачи и гости, соопшти телевизијата „6abc“, организатор на настанот.

































