Над 26.000 граѓани ќе добијат назад незаконски наплатени средства од финансиските друштва во вкупен износ од над 140 милиони денари. Државниот пазарен инспекторат донел решенија со кои на финансиските друштва им се наложува да ги вратат парите наплатени за опомени и паушални надоместоци за доцнење со отплата на кредитите.
Директорот на Државниот пазарен инспекторат, Влатко Стојкоски, на денешната прес-конференција со министерот за економија и труд Бесар Дурмиши и владината портпаролка Марија Митева, информираше дека се утврдени сериозни неправилности во работењето на финансиските друштва.
Според донесените решенија, друштвата имаат рокови од 30, 60 и 90 дена за враќање на незаконски наплатените средства, во зависност од бројот на опфатени потрошувачи. По истекот на роковите, инспекторите ќе спроведат контролни надзори за да проверат дали обврските се исполнети.
Стојкоски појасни дека во изминатите три месеци биле спроведени вонредни инспекциски контроли кај сите 27 финансиски друштва кои имаат лиценца од Министерството за финансии за одобрување кредити на физички лица. Контролите го опфатиле периодот од 2023 до 2026 година, а биле насочени кон почитувањето на Законот за заштита на потрошувачите, условите во договорите за кредити и наплатата на дополнителни трошоци и провизии.

При надзорите било утврдено дека кај 18 финансиски друштва постојат нечесни трговски практики, односно во договорите за потрошувачки кредити биле вклучени нечесни трговски одредби. За утврдените неправилности биле изречени инспекциски мерки и издадени платни налози во вкупен износ од над 3,5 милиони денари.
Дополнително, кај 12 финансиски друштва било утврдено дека спротивно на член 36 од Законот за заштита на потрошувачите им наплатувале на клиентите за доставување известувања и опомени поради доцнење или неплаќање на достасаните кредитни обврски.
Инспекциските контроли откриле неправилности и во сметководственото работење на две финансиски друштва. Поради неусогласеност со Законот за трговските друштва и Законот за сметководството, дел од документацијата не била обезбедена во пропишаната законска форма. За случајот е известено Министерството за финансии за понатамошно постапување.
Во однос на објавувањето на имињата на финансиските друштва кај кои се утврдени неправилности, Стојкоски рече дека засега тоа нема да се случи бидејќи сè уште траат последователните инспекциски надзори и пошироката постапка. Тој нагласи дека по завршувањето на истрагата нема да има пречка јавноста да биде информирана.
Кога станува збор за казните, директорот на ДПИ појасни дека нивниот износ зависи од видот и бројот на прекршените законски одредби и се движи од 2.000 до 10.000 евра за една мерка по финансиско друштво.
Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши порача дека профитот на компаниите не смее да се гради врз финансиската немоќ на граѓаните и дека Владата нема да толерира практики што ги оштетуваат потрошувачите.
Тој ја поздрави работата на Државниот пазарен инспекторат, посочувајќи дека институциите ќе продолжат со професионално, неселективно и доследно спроведување на законите. Дурмиши нагласи дека за утврдените неправилности се изречени 18 инспекциски мерки, а глобите може да достигнат и до 100.000 евра.
Владината портпаролка Марија Митева истакна дека проблемот со брзите кредити е едно од најчувствителните прашања за голем број семејства, особено кога дополнителните трошоци за опомени создаваат уште поголем финансиски притисок.
Таа посочи дека по само четири месеци од преземената обврска веќе има конкретни резултати, оценувајќи го повратот на над 140 милиони денари за повеќе од 26.000 граѓани како значаен чекор во заштитата на потрошувачите.
Од Државниот пазарен инспекторат ги повикаа граѓаните внимателно да ги анализираат договорите за потрошувачки кредити, да се информираат за сите дополнителни трошоци и да пријавуваат неправилности, а финансиските друштва да ги почитуваат законските обврски и да обезбедат транспарентност во работењето.
































