Фото: „Нова Македонија“

Лидерите на Европската Унија (ЕУ) ја потврдија својата целосна и недвосмислена посветеност на перспективата за членство на Западен Балкан во Унијата, нагласувајќи дека усогласувањето на партнерите од регионот со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ останува силен израз на нивната стратешка определба. Ова се наведува во Декларацијата усвоена на самитот ЕУ – Западен Балкан.

-Иднината на Западен Балкан е во нашата Унија. Проширувањето е реална можност што треба да се искористи – се нагласува во Декларацијата.

Во документот се посочува дека сè понестабилната геополитичка состојба, обележана со руската агресивна војна против Украина, конфликтите на Блискиот Исток и засилената глобална конкуренција, ја наметнува потребата од зајакнување на врските меѓу ЕУ и Западен Балкан.

Лидерите на Унијата ја потврдија и поддршката за Украина и нејзиниот народ во одбраната на суверенитетот и територијалниот интегритет од руската агресија, во координација со партнерите кои ги споделуваат истите вредности, притоа поздравувајќи ја поддршката од земјите на Западен Балкан.

Декларацијата ја нагласува и важноста партнерите од регионот да ги почитуваат европските вредности и принципи, во согласност со меѓународното право. Се посочува дека се потребни дополнителни решителни напори за унапредување на помирувањето и регионалната стабилност, како и за постигнување и спроведување конечни, инклузивни и обврзувачки решенија за регионалните и билатералните спорови и прашањата поврзани со наследството од минатото, во согласност со меѓународното право и воспоставените принципи.

ЕУ продолжува да ги поддржува земјите од Западен Балкан во справувањето со кибернетските и другите хибридни закани, како и во зајакнувањето на поврзаноста во регионот и со Унијата, особено во областите на енергетиката, транспортот и дигиталната инфраструктура. Поддршка ќе продолжи и за напорите за диверзификација на изворите и маршрутите за снабдување со енергија.

Соработката во управувањето со миграцијата останува клучна, вклучително и поддршката на ЕУ во справувањето со миграциските предизвици долж западнобалканската рута, се наведува во Декларацијата.

Лидерите повикаа и на продолжување на заедничките напори за спречување и сузбивање на корупцијата, трговијата со дрога и сите форми на сериозен и организиран криминал, како и на тероризмот и насилниот екстремизам.

Декларацијата беше усвоена на самитот ЕУ – Западен Балкан, одржан во средата во Брисел.