Германија (повторно) плаќа највисока цена во касата на ЕУ
- Германија останува најголемиот финансиски столб на Унијата, Франција и Италија се далеку зад Германија, додека Полска и Романија се меѓу најголемите корисници на европските средства
- Пред самитот в четврток и петок, во Брисел повторно се отвора едно од најчувствителните прашања за тоа кој колку плаќа, кој колку добива и како ќе се распределуваат европските пари од 2028 до 2034 година
- В четврток и петок европските лидери ќе одржат посебен самит посветен на идниот повеќегодишен буџет на Европската Унија за
периодот од 2028 до 2034 година. Пред нив ќе биде сложена задача. Предизвик ќе биде да се усогласат националните интереси, да се
направи увид на финансиските можности и да се разгледаат развојните приоритети на 27-те земји членки. Прашањето нема да биде само колку пари ќе има на располагање Унијата туку и кој ќе го понесе најголемиот финансиски товар и според кои критериуми ќе се распределуваат средствата
Најновата анализа на германскиот економски институт ИВ (IW) покажува дека Германија и натаму е убедливо најголемиот нето-финансиер на Европската Унија. И минатата година „најголемата европска економија“ уплатила значително повеќе средства во заедничкиот буџет на Унијата отколку што добила назад.
Импресивна разлика
Германија во европската каса уплатила 14,9 милијарди евра повеќе отколку што ѝ биле вратени преку европските фондови и програми. Тоа е за 1,8 милијарда евра повеќе во споредба со 2024 година, кога германскиот нето-придонес изнесувал 13,1 милијарди евра.
Причината за зголемувањето, според анализата, пред сè лежи во растот на вкупниот буџет на Европската Унија. Но зад овие бројки се крие и поширока политичка реалност, а тоа е дека европското единство има своја финансиска цена, а најголемиот дел од товарот традиционално го носат економски најсилните членки.
Франција и Италија зад германскиот финансиски придонес
На листата на најголеми нето-уплатувачи втора е Франција, со околу 5,4 милијарди евра, додека Италија е на третото место со 3,3 милијарди евра нето-придонес. Од другата страна на европската финансиска распределба се државите што добиваат повеќе средства отколку што уплаќаат. Најголем нето-корисник е Полска, со 6,7 милијарди евра, а веднаш зад неа е Романија, со 5,9 милијарди евра нето-примени средства. Оваа разлика повторно го актуализира прашањето за европската солидарност и рамнотежата меѓу економски развиените членки и оние што сè уште имаат потреба од значителна финансиска поддршка за инфраструктурен и економски развој.
Холандија е пред Германија, но според „придонесот по жител“
Интересни се и податоците кога европските придонеси се пресметуваат според бројот на жители. Во таа категорија на првото место се наоѓа Холандија, со нето-придонес од 179 евра по жител, само едно евро повеќе од Германија, која бележи 178 евра. Но кога придонесот се споредува со бруто-националниот доход, Германија повторно е на врвот. Нејзиниот нето-придонес изнесува 0,32 проценти од бруто-националниот доход, пред Холандија со 0,28 и Шведска со 0,21 процент.
Тоа покажува дека германската финансиска улога во Унијата не е резултат само на големината на нејзината економија туку и на нејзината значителна релативна обврска во финансирањето на заедничките европски политики.
Самитот во Брисел – битка за европскиот буџет по 2027 година
Токму во ваква финансиска и политичка атмосфера, европските лидери в четврток и петок ќе одржат посебен самит посветен на идниот повеќегодишен буџет на Европската Унија за периодот од 2028 до 2034 година. Пред нив ќе биде сложена задача. Предизвик ќе биде да се усогласат националните интереси, да се направи увид на финансиските можности и да се разгледаат развојните приоритети на 27-те земји членки. Прашањето нема да биде само колку пари ќе има на располагање Унијата туку и кој ќе го понесе најголемиот финансиски товар и според кои критериуми ќе се распределуваат средствата.
За Берлин, како најголем нето-уплатувач, ова прашање има особена тежина. Германија останува клучен финансиски столб на европскиот проект, но во исто време мора да ги усогласува европските обврски со сопствените буџетски приоритети и економските предизвици. Самитот затоа ќе биде многу повеќе од техничка расправа за бројки и буџетски ставки. Тој ќе претставува тест за финансиската солидарност, политичкото единство и способноста на Европската Унија да најде компромис за својата иднина.
Без германскиот финансиски придонес, европската буџетска конструкција би изгледала сосема поинаку. А колку Германија ќе биде подготвена и во следните седум години да ја носи најголемата финансиска одговорност, ќе биде едно од клучните прашања во претстојните разговори во Брисел.
Доне Прентоски, постојан соработник на „Нова Македонија“ од Германија
































