ШАХ
- По краткиот вовед од модераторот Морис Ешли, првите традиционални церемонијални потези за дуелот помеѓу актуелниот светски шампион Гукеш Домараџу и неговиот предизвикувач Јавокир Синдаров ги направија претседателот на ФИДЕ, Тимур Турлов, и заменик-претседателот на ФИДЕ и петкратен светски шампион, Вишванатан Ананд
Јавокир Синдаров и Гукеш Домараџу ремизираа во првиот натпревар за светската титула за годинава во Женева (Швајцарија), во дуел во кој двајцата играчи покажаа многу прецизен настап во сложена партија, пишува Светската шаховска федерација (ФИДЕ). Тензијата беше очигледна, бидејќи требаше да почне првиот натпревар од долгоочекуваниот дуел помеѓу актуелниот светски шампион Гукеш Домараџу и неговиот предизвикувач Јавокир Синдаров, а двајцата претенденти се ракуваа неколку минути пред почетокот и седнаа на своите места, подготвени целосно да се концентрираат на битката што претстои, пишува ФИДЕ.
По краткиот вовед од модераторот Морис Ешли, првите традиционални церемонијални потези ги направија претседателот на ФИДЕ, Тимур Турлов, и заменик-претседателот на ФИДЕ и петкратен светски шампион, Вишванатан Ананд. Турлов одигра 1.e4 во име на Синдаров, а Ананд одговори со 1…e5 за својот сонародник Гукеш. Во отворањето „Руј Лопез“, Гукеш ја искористи исклучително солидната „Берлинска одбрана“, а потоа следуваше цврст и борбен почетен дуел, по што резултатот е 0,5-0,5, пишува ФИДЕ.
Двајцата играчи го изразија своето задоволство од условите за игра во Фондацијата „Мартин Бодмер“ и го поздравија присуството на избрана група гледачи од галеријата, пишува Светската шаховска федерација.
Гукеш ги имаше белите фигури во втората партија синоќа. Предвидени се вкупно 14 партии, а светски првак ќе стане шахистот што прв ќе освои 7,5 поени. Ако по 14 партии резултатот биде нерешен, ќе следуваат дополнителни партии со побрзо темпо на игра, и тоа прво на програмата се четири партии со по 15 минути за размислување, плус 10 секунди по секој потег. Потоа, ако треба, предвидени се две партии со време од по 10 минути плус пет секунди, потоа, ако пак биде нерешено, ќе следуваат две партии со по три минути плус две секунди, а ако и тогаш е изедначено, ќе следуваат единечни партии, повторувани додека во една некој оствари победа (време за размислување три минути плус две секунди). Н.М.
Обемна програма со придружни настани
Иако мечот за светската титула е несомнено главната атракција, Светската шаховска федерација (ФИДЕ) состави и обемна програма со придружни настани за љубителите на шахот што ја посетуваат Женева. Повеќето од овие активности се одвиваат во фан-зоната, која се наоѓа неколку стотини метри од Фондацијата „Мартин Бодмер“. Првата голема атракција почна само половина час по почетокот на мечот, кога Вишванатан Ананд излезе на сцената за да ѝ ги објасни почетните потези на јавноста и да сподели анегдоти од неговите многубројни средби за светската титула. Атмосферата во пространата фан-зона веќе беше возбудлива, а гледачите, домаќините на настанот и волонтерите придонесоа за вистинска прослава на шахот, пишува ФИДЕ. Друг настан им даде можност на посетителите да играат со поранешната светска шампионка Александра Костенјук во консултативен меч, во кој публиката имаше две минути да дискутира и да гласа за секој потег, а средбата што резултираше ги забавуваше сите цели два часа пред да заврши со реми, пишува ФИДЕ. Н.М.
































