Арт-лексикон (2)
- Во 1920 година Ламб прави изложба од своите воени цртежи и акварели во Градската галерија на Манчестер. Еден драматичен цртеж од
Македонскиот фронт го трогнува директорот на галеријата, кој одлучува да спонзорира изработка на големо масло на платно од овој цртеж
„Секој има план, додека не го бапнам по нос!“, изјавил за своите противници во рингот американскиот боксер Мајк Тајсон во едно негово интервју. Колку точно!
Сите ние си имаме план што да правиме во животот. Додека животот не нѐ бапне по нос. По ударот, кога ќе почнеме да се тетеравиме, планот се менува и поедноставува – да се остане на нозе.
Англискиот сликар Хенри Ламб (1883 – 1960) бил роден во Аделаида, Австралија. На тригодишна возраст неговиот татко, професор Хорас Ламб, кој бил познат светски математичар, добил професорска позиција на Универзитетот во Манчестер и семејството Ламб се преселило во Англија. Планот за Хенри бил тој да студира медицина во Манчестер, на универзитетот каде што татко му бил професор. Докторите имале добра плата и социјален статус. Во 1904 година Хенри се запишува на медицина.
И тогаш, животот го бапнува Хенри по муцка, како боксот на Мајк Тајсон. Хенри се запознава со убавата Нина Форест, која била моделка за сликање. Нина го внесува Хенри во кругот на сликари од групата „Блумсбури“.
Зашеметен од ударот на љубовта, Хенри носи одлука да ги напушти студиите по медицина и да студира сликарство во Ликовното училиште во Челзи. Во 1906 година Хенри се венчава со убавата Нина, но нивниот брак трае само една година. Нина била контроверзна личност, која имала врски со повеќе уметници од групата „Блумсбури“, и љубовта кон неа предизвикувала кавги и расправии помеѓу уметниците. По распадот на бракот, Хенри оди во Париз, каде што ги продолжува студиите на престижната Академија де Ла Палет.
Во 1914 година избувнува Првата светска војна. Како сите млади Британци, Хенри се пријавува како доброволец. Поради неговото медицинско образование, Хенри Ламб е пратен во Кралските воени медицински единици во 5-oт баталјон. Пристигнува во Македонија во 1916 година.
Како дел од британските теренски болници, Хенри Ламб учествува во битките по долината на реката Струма, како и во битката за Дојран од 27 април 1917 година, во која загинуваат повеќе од 5.000 британски и 1.500 бугарски војници. Во овие драматични битки Ламб изработува цртежи со молив и акварели, кои ги однел во Англија по крајот на војната.
Во 1920 година Ламб прави изложба од своите воени цртежи и акварели во Градската галерија на Манчестер. Еден драматичен цртеж од Македонскиот фронт го трогнува директорот на галеријата, кој одлучува да спонзорира изработка на големо масло на платно од овој цртеж. Ламб го изработува платново во 1921 година, со димензии 183 х 213 см, и му дава наслов „Истурена теренска болница крај Струма, Македонија 1916“. Ова дело денес се наоѓа во колекцијата на Градската галерија на Манчестер. Други негови воени дела од Македонија се наоѓаат во колекциите на Империјалниот воен музеј, како и галеријата „Тејт“ во Лондон.
Траумите од големата војна не го попречиле Ламб повторно да се пријави како доброволец во Втората светска војна, каде што повторно бил воен сликар. Неговите слики денес достигнуваат цени од над 100.000 фунти по аукциите и галериите во Англија.
„Македонија во делата на странските сликари е чудесна и непозната земја, во која се измешале јазици, вери и традиции во перфектна хармонија. Тоа искуство било фасцинантно и невидено за западните сликари“, вели авторот на „Лексиконот на странски сликари во Македонија 1850-1950“, Влатко Милошевски, кој по професија е инженер по електротехника и живее во Холандија. Тој е автор на извонредниот лексикон на странски сликари што биле инспирирани во творештвото од престојот во Македонија. Ова несекојдневно истражување започна како веб-страница, а прерасна во книга. Некои од овие неверојатни, оригинални и автентични приказни од и за Македонија, но и пошироко, од доменот на историјата на уметноста, пренесуваме во продолжение на страниците на „Нова Македонија“.































