Фото: Пиксабеј

Повеќе од 47.000 жени и девојчиња во светот биле убиени од своите интимни партнери или членови на семејството во текот на 2025 година. Тоа значи дека во просек секој час биле убиени по пет жени или девојчиња, покажува најновиот извештај на Обединетите нации, објавен во пресрет на Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените.

Според податоците на ОН, од вкупно околу 78.000 жени и девојчиња кои минатата година биле жртви на убиства ширум светот, приближно 60 проценти биле убиени од интимен партнер или член на семејството.

Извештајот се базира на анализа на статистички податоци од 122 земји и територии, а покажува дека бројот на вакви убиства останува речиси непроменет во последните години.

Според процените на ОН Жени и Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал (УНОДЦ), годишно меѓу 45.000 и 51.000 жени и девојчиња ги губат животите од рацете на своите партнери или членови на семејството.

Африка повторно е регионот со најголем број вакви жртви, со регистрирани 22.100 убиени жени и девојчиња. На второ место е Азија со 15.100 жртви, по што следуваат Америка со 7.400, Европа со 2.100 и Океанија со 300 убиени жени и девојчиња.

Во извештајот се предупредува дека, и покрај намалувањето на стапката на убиства на глобално ниво, фемицидите бележат побавно опаѓање. Овој тренд е особено забележлив во Америка и Европа, што укажува дека насилството врз жените и понатаму останува сериозен глобален проблем.