Младите се најголемиот капитал на државата, а нивниот успех е заедничка одговорност, порача министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, по средбата со студентите од Економскиот факултет при Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје.
Како што информираше Дурмиши преку објава на Фејсбук, на средбата разговарале за можностите, предизвиците и перспективите за младите, како и за нивната професионална иднина.
Студентите беа предводени од деканката, проф. Букурие Имери Јусуфи, продеканката, проф. Теута Зенку и професорката Арта Ејупи.
Министерот нагласи дека Министерството за економија и труд останува отворено за соработка со младите, нивните идеи и иницијативи, посочувајќи дека токму тие треба да бидат дел од креирањето на идните економски можности.
Тој додаде дека преку Оперативниот план за вработување, мерките за самовработување и поддршката на претприемништвото, институцијата работи на создавање услови за младите полесно да дојдат до вработување, професионален развој или да започнат сопствен бизнис.
– Сакаме секој млад човек да знае дека зад неговите амбиции лежи поддршката од државата. Бидејќи дипломата треба да отвора врати, идејата треба да има можност да стане бизнис, а сонот треба да има можност да стане реалност. Ние не ја чекаме иднината на нашата земја, ја градиме заедно со младите – порача Дурмиши.
































