Фото: Маја Јаневска-Илиева

Македонија во старите книги, патописи, карти, мапи, документи и весници (31)

…Утрото на 1 август 1865 година, откако го минал раздвижениот пазар на отворено веднаш до долгиот дрвен мост во Велес (Ќуприли), Хенри Фаншо Тозер преминал на десниот брег на Вардар и тргнал на југ низ тесната клисура. Одминувајќи ги последните градски куќи, неговото внимание го привлекле урнатините на старите византиски цркви и средновековната тврдина, подигнати на доминантниот ридски гребен зад високите карпи со поглед кон речното корито. Следејќи го течението, експедицијата стигнала до устието на прилично големата притока Бабуна, која се спуштала од истоимената планина и низ чија длабока долина водел карванскиот пат кон Битола (Монастир). Откако ја преминал Бабуна и накратко го напуштил Вардар, кој тука правел свиок, Тозер го продолжил патот низ брановидно земјиште и суви, каменити висорамнини, каде што единствениот знак на живот било едно овчарче што ја пасело исушената трева.
Штом патеката повторно се спуштила кон речните тераси, пејзажот драматично се променил. На обработените полиња јачменот веќе бил ожнеан и собран во снопови, додека насадите со пченка достигнувале толкава височина што целиот коњ заедно со багажот целосно се губел во густежот. Левиот брег на реката бил врамен со редици од тополи и врби, а покрај патот се нижеле раштркани села со скромни колиби од непечена тула (ќерпич). Во потрага по сенка за пладневен одмор, патникот скршнал од главниот правец и запрел во малото село Грачан (денешно Градско). Куќите и земјата му припаѓале на локален турски земјопоседник, па експедицијата се сместила кај управителот на имотот. Таму, во отворената горна одаја на чардакот каде што се одморале, на ѕидот виселе две гусли, една голема и идентична со оние што Тозер ги видел во Црна Гора, и една помала, обликувана како гитара со метални жици. Од надворешната страна, пак, во подножјето на дрвените скали, било вградено парче од антички мермерен столб, донесено од соседното село покрај Црна Река, Градско. На оддалеченост од околу две милји, на ритчето што се издигало над вливот на Црна Река (античкиот Еригон) во Вардар, Тозер се соочил со една од најважните археолошки потврди на своето патување. На местото каде што денес стоело заѕидано село со куќата на селскиот првенец подигната на камени столбови над реката, британскиот научник веднаш ја препознал класичната античка урбанистичка логика: град сместен во подножјето на планинските падини, кој доминира над полето додека реката прави свиок под самите бедеми. Вкрстувајќи ги теренските мерења со античките римски итинерари (Tabula Peutingeriana) и записите на историчарот Тит Ливиј, Тозер без двоумење заклучил дека станува збор за големиот антички град Стоби, некогашната раскрсница на четири магистрални патишта кон Скупи, Сердика, Хераклеја и Солун. За да ја отстрани секоја научна дилема, тој го преминал плиткиот газ на Еригон и се искачил на највисокиот рид зад селото, но откако таму не пронашол траги од ѕидини, дефинитивно потврдил дека древниот град лежел токму на долната тераса меѓу двете реки.
Продолжувајќи на југ низ ниски, брановидни ритчиња, Тозер пристигнал на ноќевање во Тиквеш, скромно гратче, но сепак најразвиено населено место меѓу Велес и Солун, поделено на турски кварт со џамија и христијански кварт со саат-кула. Овде експедицијата се соочила со сериозните недостатоци на тогашната европска картографија, бидејќи дури и реномираната карта на Хајнрих Киперт ги бележела Неготино и Тиквеш како две одделни места. Преку разговори со локалните жители, во соседното село Ислам-Ќој и со анџијата кај Марвинци, истражувачот ја разрешил оваа двојна топонимија, утврдувајќи дека Неготино е името на самиот град, додека Тиквеш го означува целиот плоден регион. Утредента, уште во пет и пол часот наутро, патот го одвел во подножјето на ридовите кон селото Бања, на околу една и пол милја пред влезот во Демир Капија. Иако упорно трагал по остатоците од античкиот град Антигонеја, кој според римските извори се наоѓал на половина пат меѓу Стоби и клисурата, не пронашол површински траги поради меката, песокливо-глинеста почва непогодна за зачувување древни ѕидини. Веднаш под Бања, меѓутоа, широкото корито на еден бистар поток, обраснато со величествени платани, го најавило свежиот микроклимат на големата теснина.

Навлегувањето во Демир Капија (Железна Порта на Вардар) претставувало најдраматичната делница од патешествието. Во тесниот премин долг околу четврт милја, реката се стеснувала на едвај петнаесетина метри широчина, притисната меѓу речиси вертикални ѕидови од сив варовник високи од 200 до 250 метри. На самиот влез од десниот брег, над првиот силен брзак, патот минувал под камен свод со турска стражарница, додека од левата страна, на една огромна отцепена карпа низ која бил пробиен преминот, сè уште јасно се гледале ребрестите линии и жлебови од римските длета, поткрепени на критичните места над понорот со масивни ѕидани конструкции. Додека еден орел слетувал на спротивните карпи, Тозер одблизу ја набљудувал и виртуозната вештина на локалните сплавари, решавајќи ја енигмата што ја забележал уште во Велес при утоварот на житото за Солун: грубо склепаните паралелограмски чамци со чакла, поврзани по два странично, никогаш не се враќале назад спроти течението, туку вешто управувани со куси весла-кормила низ пенливите брзаци се спуштале до морето, каде што по истоварот се расклопувале и се продавале како градежен материјал. На излезот од клисурата, каде што патот се искачувал над карпите, отворајќи величествен поглед кон кањонот, долината повторно се проширила, останувајќи врамена со високи планини и засенета со стари платани во следните петнаесет милји. За разлика од 1862 година, кога германскиот патописец Хајнрих Барт го затекнал овој предел пуст и небезбеден поради разбојнички банди, во август 1865 година трасата вриела од трговски живот. Тозер постојано се разминувал со долги карвани од трговци и кираџии со натоварени маски, коњи и магариња, кои од Солун се упатувале кон запад, свртувајќи кај Бања низ планините кон големиот четиринаесетдневен панаѓур во Прилеп (Перлепе). На околу десет милји под Железна Порта, експедицијата го преминала Вардар и набргу пристигнала до анот кај Градец. Таму, во длабоката сенка на една црница сред високите пченкарни полиња, придружувани од песната на штурците, и патниците и коњите го нашле својот пладневен одмор…

М-р Никола Ристевски

(продолжува)