Српската полиција го уапси таткото на 17-годишниот ученик кој утринава пукаше во Првото техничко училиште во Крагуевац, при што беа повредени две вработени лица. Информацијата ја потврди Министерството за внатрешни работи на Србија.
Уапсениот С. М. (1977) е осомничен за недозволено поседување и носење огнено оружје, муниција и експлозивни материи. Според сомневањата на полицијата, тој нелегално ја поседувал малокалибарската пушка со која неговиот син го извршил нападот во училиштето.
Седумнаесетгодишниот ученик, кој е во четврта година од образованието, е уапсен под сомнение за обид за тешко убиство.
Според досегашните информации од истрагата, малолетникот ја донел пушката во училиштето и испукал еден куршум кон портирницата. Куршумот го пробил стаклото и ја погодил во ногата 50-годишната вработена. Друга вработена, исто така, се здобила со повреда на ногата од парчињата скршено стакло.
Инцидентот се случил за време на наставата, кога во училишните ходници и дворот немало ученици. По пукањето, сите деца биле безбедно евакуирани.
Во полицијата во Крагуевац пријавата за вооружениот инцидент била примена околу 8 часот утринава. Веднаш биле ангажирани расположливите полициски патроли, а на местото прва пристигнала интервентната единица.
Во координација со училишниот полицаец, припадниците на полицијата го лоцирале 17-годишникот и само шест минути по добивањето на пријавата успеале безбедно да го совладаат и уапсат. Кај него било пронајдено и оружјето со кое пукал.
На таткото му е одреден притвор до 48 часа, по што со кривична пријава ќе биде изведен пред надлежното обвинителство. Малолетникот, по сослушувањето, ќе биде изведен пред судија за малолетници при Вишиот суд во Крагуевац.
Полицијата и надлежното обвинителство продолжуваат со истрагата за утврдување на сите околности на настанот. Во тек се претреси на објекти и собирање докази.
Од српското МВР информираат и дека Полициската управа во Крагуевац во претходниот период немала примено пријава или известување што би можело да се поврзе со овој инцидент.


































