Кина утре наутро, по локално време, ќе го лансира вселенското летало „Шенжоу-24“, со екипаж од тројца членови, меѓу кои и пакистанскиот астронаут Зишан Али, пренесе „Си-би-си њуз“.
Екипажот го сочинуваат командантот Танг Хонгбо, инженерот на летот Ву Ји и пакистанскиот специјалист за товар Али. Неговото учество е дел од билатералната соработка меѓу Кина и Пакистан во рамките на иницијативата „Појас и пат“.
Али ќе престојува кратко во кинеската вселенска станица „Тјангонг“, по што ќе се врати на Земјата заедно со двајца членови на екипажот од претходната мисија „Шенжоу-23“.
Од 2021 година, кинеските мисии „Шенжоу“ испраќаат тричлени екипажи од кинески астронаути до вселенската станица, каде што тие вообичаено престојуваат по шест месеци.
Жу Јангжоу, член на екипажот на мисијата „Шенжоу-23“, ќе остане во вселената во рамките на својата едногодишна мисија.
„Шенжоу-24“ ќе биде лансиран со ракета „Лонг марш-2Ф“ од Центарот за лансирање сателити „Џиукуан“. Ова ќе биде 41. лет во рамките на кинеската програма за вселенски летови со човечки екипаж.
За време на престојот во орбитата, астронаутите ќе спроведуваат научни експерименти, покрај истражувањата што се веќе предвидени во рамките на програмата на вселенската станица.

































