Шеста година по ред роденденот на првиот македонски дневен весник беше одбележан со искачување на врвот Кале на Јакупица, над селото Горно Врановци, каде што пред 82 години излезе првиот број.
Акцијата што планинарските клубови „Убава“ и „Х2О“ ја закажаа за 1 ноември, по повод годишнината од излегувањето на првиот број на „Нова Македонија“ на 29 октомври 1944 година, мораше да биде одложена поради лошите временски услови. Планината, сепак, не ги дочека учесниците со подобро време ни завчера, на 22 ноември. Гребенот на Јакупица беше под снежна покривка, а ветерот на отворените пасишта на над 1.700 метри не попушташе. И покрај тоа, групата тргна рано наутро од Горно Врановци и, по повеќе од дваесет километри пешачење и над 1.700 метри искачување, успешно излезе на карпестиот врв Кале (2.112 м н.в.) и безбедно се врати во селото.
Тешкиот пат до врвот не е случајна слика за овој јубилеј. „Нова Македонија“ е родена во услови кога ниту една околност не ѝ одела во прилог – во војна, во планинско село, на примитивни машини и со луѓе што го ризикуваа животот за секој отпечатен лист. Во децениите што следуваа весникот помина уште низ многу снегови и ветрови: општествени промени, транзиција, приватизации, финансиски кризи и периоди кога сериозно се доведуваше во прашање неговиот опстанок. А, сепак, „Нова Македонија“ и денес излегува. Истата таа упорност, да се продолжи напред и кога условите се неповолни, ја покажаа и учесниците на вчерашната акција. Секој чекор низ снегот кон врвот беше мал подарок за весникот што 82 години не се откажува.

Традицијата на одбележување на роденденот на „Нова Македонија“ со искачување на Кале започна во 2021 година, а оваа година е шеста по ред. Низ годините, на акциите учествуваа најразлични луѓе. Некои доаѓаат првпат, привлечени од предизвикот, а некои се враќаат секоја година – поради убавината на патеката, која од долината на реката, низ букови шуми и покрај потоци и извори, излегува на пространите пасишта и гребенот на Јакупица, но и поради значењето на самиот настан. Да се стои на врвот над селото во кое е отпечатен првиот македонски дневен весник е доживување што не се заборава лесно.
Оваа година во групата немаше актуелни вработени во „Нова Македонија“, но весникот сепак беше присутен на посебен начин. Меѓу учесниците имаше луѓе чии родители со години работеле во редакцијата и во печатницата. Тие, на паузите покрај чешмата и на врвот, споделија спомени од детството – за мирисот на свежо отпечатените весници, за доцните вечери кога родителите ги затворале броевите, за колегите што станувале семејни пријатели. Така, на патеката се сретнаа повеќе генерации, а приказната за весникот се раскажуваше од прва рака, од оние што ја слушале дома.
По слегувањето, учесниците се разделија со истата порака како и претходните години – дека ова искачување не е само планинарска акција туку и чин на сеќавање и почит кон еден весник и кон сите луѓе што го создавале и го создаваат. Планинарските клубови „Убава“ и „Х2О“ веќе најавуваат дека и следната година, на 83-от роденден на „Нова Македонија“, повторно ќе се тргне од Горно Врановци кон Кале – без разлика каков ќе биде денот. В.Г.

































