Дајте му шанса на мирот

Подолг период низ европските градови се одвиваат протести на младите, на таканаречената зед-генерација, која се спротивставува на политиките на финансирање на воените буџети за сметка на подобро образование, здравство, поевтини кирии и храна… Она што е забележливо е дека тие групи успеаја да ги исфрлат од своите редови политичарите што, како крлежи, се обидуваа да се налепат на протестите заради личен политички профит. Тоа е најдобрата потврда дека младите стануваат свесни каде ги водат неразумните политики на нивните влади.
Најавите за враќање на воениот рок, за некаква афирмација на војската како нешто што треба да ги привлече младите, очигледно не ја постигнаа својата цел, бидејќи младата генерација јасно им порача: не сакаме да војуваме, водете си ги самите своите војни. Можеби токму тоа е она што ги загрижува некои центри на моќ, кои преку ширењето на воената хистерија се обидуваат да ги заплашат младите и да ги навлечат на наративот дека, ако сега не земат оружје в рака, нивната иднина нема да биде розова. Сведоштвата за секојдневни инциденти со бродови, за разни нарушувања на воздушните простори и за други безбедносни закани се дел од атмосферата на страв и психолошки притисок, со која се создава чувство на непосредна воена опасност. Токму затоа европските влади постојано ги зголемуваат воените буџети, дел од нив најавуваат враќање на воениот рок, а некои европски земји дури и го вратија, со образложение дека младите требало да се обучат во основните воени вештини.
И јас паметам дека беше така во наше време. Имавме дури и воена обука уште во средно училиште, па боево гаѓање со старата „М-48“, од чиј кундак и денес ме боли рамото, а по сето тоа следуваше и задолжителен воен рок. И што доби потоа нашата обучена генерација? Доби војна, која сите нè уназади 50 години. Но што е многу потрагично, во таа војна речиси 150 илјади луѓе беа убиени или исчезнати, а околу четири милиони беа раселени. Тоа беше таа наша икс-генерација, која не собра сила да им каже стоп на безумијата на личности што подоцна завршија пред меѓународниот трибунал. Но каква сатисфакција е тоа за генерацијата што ја загуби својата младост во војни, токму во времето кога требаше најмногу да даде?
Затоа овие нови генерации што ги гледаме на улиците на Берлин, Париз, Рим, Мадрид и на Прага го креваат својот глас против таквите неразумни политики. Какви вештини, всушност, треба да стекне еден млад човек во војска? Да ја расклопи и да ја склопи пушката, да си го намести креветот, да скока под команда „Атомски од лево, атомски од десно“? Зарем тоа е она што им недостига на младите денес?
Ним им требаат практични вештини, знаење и можности што ќе ги научат и стекнат надвор од војската. Зошто да не се организираат заеднички сеевропски дружења, младински кампови, каде што младите ќе се запознаваат, ќе се дружат, ќе се заљубуваат, ќе пеат покрај логорскиот оган со гитара и така ќе создаваат хармонија и љубов? Вака, некоја „утната“ генерација им ги крати парите за основните потреби, ги прави да се чувствуваат мизерно, сиромашно и фрустрирано, за потоа полесно да ги индоктринира дека имаат некаков заеднички непријател што е виновен за нивната мизерија. Дури и во воените обуки ги намамуваат со популарни видеоигри, демек војската била исто како играње „Кол оф дјути“, без да им кажат дека, ако бидат убиени на фронтот, нема рестарт на играта. А впрочем, во една ваква војна каква што секојдневно гледаме на половина планета, се гледа дека луѓето се само обично топовско месо. Ги гаѓаат со проектили, дронови и со уште какво не оружје од далечина, без да имаат никаква шанса.

Но оваа генерација не паѓа толку лесно на таквото заведување. Таа сака мир, сака да го живее животот со полни гради наместо да заврши на некое бојно поле, водејќи туѓи битки, додека некој настрана длабоко профитира. Европа беше изградена токму врз идејата за мир и просперитет. Во тој европски проект влегоа сите оние што низ историјата постојано се конфронтираа, а во најголемиот дел од Западна и Централна Европа од Втората светска војна наваму се живееше во мир. Но сега како повторно да се разбудија некои сеништа од минатото и повторно ја подбуцнуваат младата генерација да се подготви за војна. Се делат совети сите да си направат резерви од храна, вода и средства за прва помош, небаре доаѓа апокалипсата. И демек за три дена тие ќе воспоставеле контрола и потоа синџирите на снабдување ќе се нормализирале. Мижи Асан да ти баам, што би рекле постарите.
Она што Европа треба да го направи е да ја запре војната на сопственото тло, да се сврти кон младите генерации и да им обезбеди средина во која ќе можат да го дадат својот максимум во сите мирновременски области што носат развој и просперитет. Младите им го кажуваат токму тоа последните месеци низ европските улици, дека не сакаат и нема да војуваат за никого. И тоа е исправна позиција.
И токму тука е најголемата надеж за Европа. Денес на улиците не излегува некаква изгубена, апатична или незаинтересирана генерација, туку генерација што многу добро знае што не сака, но и каква иднина заслужува. Тоа е свесна генерација што ги препознава старите политички матрици, ги гледа последиците од нив и не сака повторно да биде жртва на туѓите амбиции. Генерација што не дозволува некој да ѝ ја продаде војната како пат кон подобра иднина, ниту сиромаштијата како цена за некаква повисока геополитичка цел.
Европа денес има историска можност да ја исправи грешката од минатото. Да не дозволи повторно младите да станат жртви на политиките на оние што ги започнуваат војните, а последиците им ги оставаат на други. Да ги слушне нивните пораки, да ги пренасочи ресурсите кон образование, здравство, достоинствен живот и вистинска соработка. Зашто Европа не може да биде водечка сила во светот ако сопствените млади ги подготвува за ровови, наместо за лаборатории, универзитети, фабрики, уметност и нови технологии.

Токму овие генерации што денес протестираат низ европските улици се предводницата на една нова европска идеја. Европа што нема да се обединува против некого, туку околу нешто – околу мирот, слободата, солидарноста, различностите и просперитетот. Европа што повторно ќе биде пример и водечка сила не затоа што ќе има најмногу оружје, туку затоа што ќе има најмногу знаење, најмногу човечност и најмногу храброст да му каже „не“ на безумието.
Можеби токму од овие улици, од овие млади гласови, ќе започне вистинското обединување на Европа. Затоа, Европо, дај им шанса на мирот и на овие нови генерации!