Фото: Стефанија Милевска

Во Домот на културата „Иван Мазов Климе“ во Кавадарци

  • Уште на самиот почеток имав желба познатата класична приказна да ја претворам во едно поинакво сценско доживување, во кое границите меѓу професионалната театарска сцена, детската фантазија и воспитно-образовниот процес ќе се избришат. Сакав да создадеме претстава во која децата нема само да бидат публика туку и вистински дел од нејзиното создавање, вели режисерката Микица Илова

„Волшебникот од Оз“ на Лиман Франк Баум, во адаптација и режија на Микица Илова, е најновото театарско остварување, кое десет дена ја полни салата во Домот на културата „Иван Мазов Климе“ во Кавадарци со најмладите љубители на оваа уметност. Станува збор за проект на театарот при споменатиот дом на културата, реализиран во соработка со детската градинка „Рада Поцева“, во кој се вклучени децата од големите групи заедно со нивните воспитувачки Билјана Мазева, Силвана Ристова, Тана Ѓорева, Ирина Атанасов, Маја Ангелова и Билјана Куковска. На актерскиот тим му се придружиja Сашко Орешков во улога на Страшилото и Ивана Секуловска во улогата на Дороти, a вистинска кулминација се случи кога на сцената го видовме и Волшебникот од Оз, кој го толкуваше Микица Илова.
Дали можете да замислите што се случува во детскитe главчиња кога својата воспитувачка или негувателка ќе ја видат на големата театарска сцена во раскошен костим на добра вила или лоша вештерка, во костимот на Лимениот човек или Лавот? На сцената се и другарчињата во прекрасни костими како жителите на Смарагдниот Град во друштво на Дороти. Децата уживаа во магичната бајка чии ликови и овој пат беа облечени во живописни костими изработени од Сара Милевска.
Постојат претстави што се создаваат по драмски текст и режисерска визија, но постојат и такви што се создаваат од нешто многу поголемо, од заедничка љубов, доверба, ентузијазам и желба да се нарави нешто што ќе остави трага во еден детски свет. Според режисерката Микица Илова, токму таков бил процесот на создавањето на претставата „Волшебникот од Оз“.

– Уште на самиот почеток имав желба познатата класична приказна да ја претворам во едно поинакво сценско доживување, во кое границите меѓу професионалната театарска сцена, детската фантазија и воспитно-образовниот процес ќе се избришат. Сакав да создадеме претстава во која децата нема само да бидат публика, туку и вистински дел од нејзиното создавање. Токму така се роди идејата за заедничкиот проект, по што следуваа дво и полмесечна подготовка, работа, истражување, проби, разговори, смеа, возбуда и неизмерна детска енергија, која заразно се пренесе на сите актери во претставата – вели Илова.
Таа нагласи дека особено значајна била соработката со воспитувачките од градинката. Во текот на изминатите месеци нивната поддршка, трпение и посветеност и подготвеност да излезат од секојдневните рамки на својата професија биле од непроценливо значење.
– Заедно создававме, договаравме, вежбавме, охрабрувавме и учевме. Затоа оваа претстава не е само театарски проект туку и пример за тоа колку многу може да се постигне кога културните и воспитно-образовните институции ќе ги обединат своите знаења, способности и љубов кон децата – додаде режисерката.
Во поставката Илова ги задржува суштинските пораки на Баумовата приказна, храброста, пријателството, љубовта, припадноста и вербата во сопствените вредности, успевајќи да создаде свет што им е близок и разбирлив на децата. Таа мајсторски ја водеше приказната, во која еднакво уживаа сите во публиката љубопитно очекувајќи го моментот на средбата со Волшебникот од ОЗ. Како што Дороти, Страшилото, Лименко и Лавот откриваат дека она што го бараат веќе го носат во себе така и секое дете треба да открие дека носи нешто посебно и вредно. Таа изразува најголема благодарност до децата – малите жители на Смарагдниот Град, кои нѐ потсетија дека за големи сценски чуда не се потребни големи актери, туку големи срца, искрени насмевки и храброст да се зачекори во непознатото.

Мирјана Мукаетова