- Развиено од „Норвешки шах“ и одобрено од ФИДЕ, Светското првенство во тотален шах воведува унифициран формат што го крунисува врвниот шампион во светот со тестирање на извонредноста во три дисциплини, брз класичен шах, забрзан и брз шах
Алиреза Фирузџа го освои пилот-натпреварувањето Светско првенство (СП) во тотален шах што се играше во Будимпешта (Унгарија), откако победи во одлучувачката, т.н. армагедон-партија во финалето со Аниш Гири, пишува Светската шаховска федерација (ФИДЕ). Фирузџа го однесе натпреварот во тајбрејк, со победата на вториот натпреварувачки ден од финалето со 12-8, откако Гири го доби првиот ден, со 11-9. Фабијано Каруана го обезбеди третото место на овој пилот-мундијал, со втората дневна победа на дуелот со Максим Вашер-Лаграв. Пет натпревари за одредување на пласманот беа одлучени со т.н. армагедон.
Секој нокаут-ден имаше седум натпревари, четири во брз шах, два во забрзан шах и еден во брз класичен шах. Победа во брз вреди еден поен, триумф во забрзан четири и победа во брз класичен шах осум, а половина поен за нерешено. Резултатите се ресетираа по секој одигран ден. Победата во двата дена, или победата во едниот и реми во другиот, го одлучува вкупниот победник на дуелите.
Сите четири меча во брз шах во финалето беа одлучувачки. Гири го доби првиот натпревар со бели фигури, Фирузџа одговори со две последователни победи, а Гири го доби четвртиот натпревар со црни фигури, со што израмни на 2-2. Потоа Фирузџа ја доби првата средба во забрзан шах со црни фигури. Ремито во втората му даде водство со 8-4 пред дуелот во брз класичен шах, пишува ФИДЕ. На Гири му беше потребна победа во тој дуел за да ја обезбеди титулата без тајбрејк, но дуелот беше нерешен. Четирите поени му донесоа на Фирузџа дневна победа од 12-8, по што следуваше т.н. армагедон-дуел, каде што Гири играше со бели фигури, а дуелот заврши со реми по 35 потези. Со предност за реми на играчот со црни фигури, Фирузџа ја обезбеди титулата на пилот-натпреварувањето во Будимпешта, пишува Светската шаховска федерација.
Пласман на првото пилот-издание на Светското првенство во тотален шах обезбедија: Алиреза Фирузџа, Аниш Гири, Фабијано Каруана, Максим Вашер-Лаграв, Ханс Ниман, Јан-Кшиштоф Дуда, Јан Непомнијашчи, Лием Ле, Хаик Мартиросјан, Арџун Еригаиси, Ричард Рапорт, Јорден ван Форест, Весли Со, Левон Аронијан, Винсент Кејмер, Шахријар Мамедјаров, Магнус Карлсен, Владислав Артемиев, Ендру Хонг, Бибисара Асаубаева, Прагнананда, Абхиманју Мишра, Нодирбек Абдусаторов, Ваишали Рамешбабу.
„Тотал чес“ е глобална шампионска платформа основана за да го редефинира елитниот натпреварувачки шах за модерната ера, а развиено од „Норвешки шах“ и одобрено од ФИДЕ, Светското првенство во тотален шах воведува унифициран формат што го крунисува врвниот шампион во светот со тестирање на извонредноста во три дисциплини, брз класичен шах, забрзан и брз шах.
Дизајниран за да ја зголеми комерцијалната привлечност на спортот и ангажманот на гледачите, „Тотал чес“ комбинира натпревар од светска класа со иновации, технологија и импресивни искуства со гледачите за да создаде нов стандард за професионалниот шах, пишува Светската шаховска федерација.
Со визија да го направи шахот еден од најангажирачките и комерцијално одржливи спортови во светот, „Тотал чес“ има цел да го прошири глобалниот отпечаток на играта, да ја инспирира следната генерација играчи и да поврзе милиони гледачи преку динамично првенство, кое ги слави интелигенцијата, стратегијата и спортската извонредност, пишува ФИДЕ. Н.М.
































