Делегација на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, предводена од митрополитот Дебарско-кичевски Георгиј, на 21 ноември во Москва оствари средба со патријархот Московски и на сета Русија Кирил, по повод 80-годишнината од неговото раѓање.
Средбата се одржа во Патријаршиската и Синодската резиденција во Даниловиот манастир. Во делегацијата беше и епископот Хераклејски Климент, а на разговорите присуствуваа и високи претставници на Руската православна црква, меѓу кои и митрополитот Волоколамски Антониј, претседател на Одделот за надворешни црковни односи на Московската патријаршија, пренесува „Литургија.мк“.
Патријархот Кирил изрази радост што во Москва ги пречекува претставниците на МПЦ-ОА, посочувајќи ги духовните и историските врски меѓу двата народа и цркви.
– Многу нешта нè поврзуваат, пред сè затоа што сме Словени, припаѓаме на кирило-методиевската традиција и го разбираме јазикот еден на друг. Многу сум радосен што сега имаме можност заедно да се молиме и да богослужиме. Нашата денешна средба е посебна: за првпат присуствувате како делегати на Македонската црква – помесна Црква која доби канонска автокефалност – истакнал патријархот Кирил.
Тој оценил дека односите меѓу Московската патријаршија и Македонската православна црква – Охридска архиепископија активно се развиваат. Посочил и дека во образовните установи на Руската православна црква се школуваат студенти од Македонија, како и дека се разгледуваат можности за реализација на заеднички проекти.
Митрополитот Георгиј, од своја страна, ја пренел радоста од учеството во свеченостите по повод јубилејот на патријархот Кирил. Тој нагласил дека заедно со епископот Климент престојуваат во Москва како пратеници на архиепископот Охридски и Македонски г. Стефан.
Георгиј ги пренел честитките на архиепископот Стефан, како и неговите желби за добро здравје и сили за продолжување на архипастирското служење.
Митрополитот изразил благодарност за поддршката од Московската патријаршија во процесот на решавање на црковниот статус на МПЦ-ОА и добивањето автокефалност од Српската православна црква.
Тој се заблагодарил и за можноста македонски студенти уште пред две децении да се образуваат во духовните училишта на Руската православна црква. Според него, дел од дипломираните студенти денес предаваат во богословските семинарии и на Богословскиот факултет, а служат и во други значајни установи на МПЦ-ОА.
На средбата, делегацијата му подарила на патријархот Кирил икона на светиот рамноапостолен Кирил и свети Климент Охридски.
Патријархот Кирил, пак, испратил подароци за архиепископот Стефан – комплет од две панагии и напрсен крст, како молитвен спомен. Панагии им подарил и на митрополитот Георгиј и епископот Климент.
По повод 80-годишнината од раѓањето на патријархот Кирил, архиепископот Стефан упатил и посебна честитка, во која му посакал добро здравје, мир и духовна радост. Во неа ги истакнал неговото служење на Црквата, духовната мудрост, татковската грижа и одговорноста во водењето на Руската православна црква.
































