Фото: МИА

Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, најави законска мерка со која младите брачни двојки до 35 години ќе можат да купуваат станови по цени најмалку 20 проценти пониски од пазарните.

Мерката, како што посочи Мицкоски на 35. годишна конференција на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, ќе предвидува градежните компании да одвојуваат најмалку 10 проценти од станбените единици во новите згради за млади брачни парови.

Според најавата, ниту една градежна компанија нема да може да добие дозвола за градба доколку не го исполни овој услов, без оглед на тоа во кој град или дел од државата планира да гради.

– Првата мерка којашто денеска ќе ја објавам, а којашто наскоро ќе се најде како закон пред пратениците, е мерка во која ниту една градежна компанија што има намера да гради станбени единици, згради, без разлика во кој град и без разлика на кое место во Македонија, не може да добие дозвола за градба ако не оддели минимум 10 проценти станбена површина за брачни парови до 35 години, по цена која што ќе биде најмалку 20 проценти пониска од пазарната цена – изјави Мицкоски.

Тој нагласи дека со закон ќе се регулира обврската за градежните компании и порача дека целта е да се поттикне похумано градење и да се олесни решавањето на станбеното прашање на младите.

Мицкоски направи разлика меѓу најавената мерка и предлозите за субвенционирање на каматните стапки, оценувајќи дека намалувањето на цената на становите за најмалку 20 проценти е посуштинска помош.

Обраќајќи се на конференцијата под мотото „Нашата генерација – нашата Македонија“, премиерот порача дека младите имаат можност да создадат нешто што ќе остане и ќе претставува темел за идните генерации.

Тој истакна дека Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ има своја историја и традиција, но дека секоја генерација треба да се запраша што создава денес и какви луѓе подготвува за иднината.

– Нашата генерација, Вашата генерација е она што го оставаме за нашата Македонија – порача Мицкоски.