Албанскиот премиер Еди Рама порача дека Албанија никогаш нема да го попречува европскиот пат на Македонија, појаснувајќи дека неговите претходни изјави за уставните измени и вклучувањето на Бугарите во македонскиот Устав биле извадени од контекст.
На заедничкиот настан со премиерот Христијан Мицкоски, по повод воспоставувањето на системот „One Stop Shop“ на граничниот премин Ќафасан, Рама истакна дека Македонија треба да го исполни условот за уставни измени доколку сака да продолжи кон членство во Европската Унија, но нагласи дека одлуката е исклучиво внатрешно прашање на државата.
– Македонската страна со право се сомнева дали ќе има уште едно вето доколку го направи овој чекор и ги додаде Бугарите во Уставот. Но, од друга страна, Северна Македонија мора да го исполни овој услов за да влезе во ЕУ. Ова е моја претпоставка, но јас никогаш, ниту Албанија никогаш нема да го прекине патот на Северна Македонија кон ЕУ – изјави Рама.
Тој појасни дека неговиот претходен коментар бил даден како одговор на прашање од бугарски новинар и дека не треба да се толкува преку издвоени делови, туку во контекст на целата изјава.
Рама нагласи дека секогаш го поддржувал приближувањето на Македонија кон Европската Унија, но дека не би си дозволил да ѝ наметнува решенија на македонската Влада или на граѓаните.
Според него, довербата меѓу соседните држави се гради преку конкретна соработка и заеднички проекти, посочувајќи го Коридорот 8 како пример за поврзување на Македонија, Албанија и Бугарија.
Осврнувајќи се на односите со Мицкоски, Рама рече дека нивното пријателство е обострано и дека двајцата отворено ги разменуваат своите ставови.
– Сигурен сум дека нашите две преубави земји многу скоро, еден ден, ќе седнат на иста маса во Брисел и ќе бидат дел од Европската Унија – порача албанскиот премиер.
И македонскиот премиер Христијан Мицкоски оцени дека изјавата на Рама била извадена од контекст, посочувајќи дека станува збор за прашање кое треба да го реши исклучиво македонската држава.
Мицкоски нагласи дека за градење доверба се потребни конкретни проекти и соработка, а како пример повторно го посочи Коридорот 8.
– Денешниот настан е токму во таа насока, да работиме на проекти кои нè зближуваат и да останеме во рамките на она што претставува внатрешно прашање на нашите држави – изјави Мицкоски.
Тој изрази уверување дека Македонија и Албанија во иднина ќе станат членки на Европската Унија и заедно ќе седат на европската маса во Брисел.































