Големо финале во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје
На 7 декември, 28-то издание на фестивалот „Таксират“ го носи своето големо финале во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје. На двете бини ќе настапат „Морчиба“ (Велика Британија), „Зостер“ (Босна и Херцеговина), „Кадебостани“ (Швајцарија), „Фолтин“, „Смут“, З++ (Хрватска), Ализаде (Азербејџан), Раксон (Египет).
– Оваа година фестивалот за првпат се сели во „Јане Сандански“. Фестивалот што започна во МКЦ во 1999 година, 17 години живееше на Скопскиот саем, а потоа се пресели во арената „Борис Трајковски“. За жал, една долгогодишна традиција е прекината, не по наша волја. Но „Таксират“ продолжува, како и секогаш: позитивно, гласно и заедно со својата публика. Фестивалот, како и секоја година, не е само една вечер. Својот уникатен стил и идентитет го задржува и оваа година. Програмата почнува на 26 ноември со тридневната музичка конференција ПИН, „Лузер фест“ и потрагата по најдобриот нов млад бенд, како и соло-концерти на македонски артисти. Низ сите овие настани, таксиратскиот фестивалски дух и мисијата за уметност во својата најчиста форма ќе бидат присутни. Две бини, слободно движење и билет по иста цена за стоење и седење. Верна на традицијата на „Таксират“, салата ќе има две бини. Главната сцена е „Смут стејџ“, а втората „Шорти Пи“. Публиката ќе може слободно да кружи меѓу нив и да ја прави сопствената вечер, како што веќе со децении го прави тоа на „Таксират“ – велат организаторите.
За првпат во историјата на фестивалот во продажба ќе има два различни билета по иста цена: еден за стоење и еден за седење. Секој посетител сам избира како сака да ја доживее вечерта. Цената на билетот е најповолна во европски рамки. Споредено со фестивалите од ваков ранг низ Европа, „Таксират“ секогаш им давал најмногу на своите фанови, па така е и годинава. Првиот бран на билети е по цена од 1.500 денари.
Легендите на трип-хопот, „Морчиба“, доаѓаат специјално, како пријатели на продукцијата „Пасворд“, и за првпат настапуваат на „Таксират“. Бендот ги одбележува 30-те години кариера, а во 2025 година го објави албумот „Escape the Chaos“. „Зостер“ е едно од моментално најголемите имиња на балканската сцена, бендот од Мостар за првпат настапува во Скопје. Зад себе имаат пет студиски албуми, од „Ојужило“ (2005) до „Најгори“ (2023), и химни како „Ко је јамио“, „Волио сам те“ и „Куда иду сви ти људи“. Летово ги предводеа најголемите регионални фестивали, а секоја нивна турнеја е синоним за полни сали.
„Кадебостани“ е швајцарски проект со над пет милијарди стрима низ светот. „Castle in the Snow“ беше хит на топ-листите, нивната верзија на „Crazy in Love“ се слушна во „Педесет нијанси сива“, а „Early Morning Dreams“ стана вирален на Тикток со над три милијарди стрима. Настапувале на финале на Лигата на шампионите, а во Скопје доаѓаат со новиот петти албум „The Outsider“. „Смут“ ќе прослави 30 години со ексклузивен и единствен концерт во Македонија. Гигантите на македонскиот хардкор не застануваат и се подготвени за уште еден настап со кој ќе ја остават публиката без здив.
Магичната година што „Фолтин“ ја имаше во прославата на својата 30-годишна кариера се заокружува со настап на „Таксират“. Нивниот музички јазик најдобро го разбира нивната публика, а овој пат „Фолтин“ доаѓа со еден куп новости, меѓу кој и најновиот проект. Осиечката ѕвезда Звонимир Хусњак, познат како З++, се враќа на „Таксират“ по неверојатниот скок во кариерата. Неговите песни „Ljeto Već Je Gotovo“, „Седмо небо“, „Кабриолет“ не само што беа инстант хитови туку од година на година се покажуваат како песни што ќе останат евергрин на една генерација. Ова се само некои од изведувачите на годинашниот фестивал.
































