Фото: Приватна архива

Хрватскиот новинар, публицист и долгогодишен уредник и водител на култната емисија „На работ на науката“ на Хрватската радио-телевизија (ХРТ), Крешимир Мишак, викендов ќе одржи две завршни тематски предавања во Македонија за оваа година, пред неговите следни најавени гостувања во текот на пролетта 2027 година.

Првото предавање, насловено „Неидентификувани летечки објекти – од пештерските цртежи до вселената“, ќе се одржи в сабота, на 21 ноември 2026 година, со почеток во 18.30 часот, во Порта „Македонија“ во Скопје. Тематски засновано врз неговата најнова, богато илустрирана книга, ова излагање нуди сеопфатен историски и аналитички преглед на НЛО-феноменот – од праисториските сведоштва и пештерски прикази, преку документираните средби во 20-от век и современите орбитални набљудувања, па сè до декласифицираните владини документи и придружните феномени што ги надминуваат конвенционалните физички и научни објаснувања.

Вториот настан е закажан за в недела, на 22 ноември 2026 година, со почеток во 18 часот, во хотелот „Цар Самуил“ во Банско, Струмичко, а е посветен на темата „Трансхуманизам и синхроницитет“. Во ова предавање, Мишак ги анализира двете клучни оски што ја дефинираат современата цивилизациска пресвртница: од една страна, забрзаниот технолошки развој, вештачката интелигенција и трансхуманистичките тенденции кон редефинирање на човековата природа и автономија, а од друга – природата на свеста и концептот на синхроницитет, односно значајните коинциденции и подлабоките смисловни релации во реалноста. Наместо готови одговори, настанот отвора простор за критичко преиспитување на односот меѓу алгоритмите, слободната волја и суштината на човечкото постоење.

Билетите за двете предавања се достапни преку платформата tix.mk. Како официјален медиумски покровител на овие настани, „Нова Македонија“ ви овозможува да си набавите билети со -20% на следните линкови:

21.11.2026 „НЛО – Вонземјани или луѓе“ Скопје (клик)

22.11.2026 „Трансхуманизам и синхроницитети“ Банско (клик)

Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива