Фото: Тимчо Муцунски

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски синоќа во Скопје се обратил на конференцијата „Безбедноста во Западен Балкан“, што ја организирал германскиот институт „Аспен“ (Aspen Institute Germany) во соработка со Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.

– Нагласив дека во услови на длабоки геополитички промени безбедноста на Западен Балкан е неразделно поврзана со безбедноста и стабилноста на Европа – напиша Муцунски на Фејсбук.

Муцунски ја истакнал стратешката ориентација на земјата, посочувајќи ги членството во НАТО, целосната усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија и цврстата определба за полноправно членство во ЕУ.

– Потенцирав дека проширувањето на Европската Унија е геополитичко обединување на Европа и стратешка инвестиција во постабилен и побезбеден континент – наведе Муцунски.

Министерот посочил дека Западен Балкан треба сè повеќе да се препознава како регион што придонесува за колективната отпорност и за европската безбедност.

– За тоа се потребни политичка одговорност, посилна регионална соработка и свест дека безбедноста на една држава не може да се одвои од безбедноста на нејзините соседи – додаде Муцунски во објавата.