Светската економија и еден метал што станува – новото злато

Енергетската транзиција, електричните автомобили и новата индустриска револуција ја отвораат ерата на недостиг од една од најважните стратешки суровини. До 2050 година на светот може да му недостигаат 20 милиони тони бакар, а за спас на производството ќе бидат потребни стотици милијарди долари.

И бакарот станува прашање на национална безбедност

Светот влегува во нова суровинска трка, а во нејзиниот центар сè повеќе се наоѓа бакарот. Металот што со децении беше незаменлив во електроиндустријата, градежништвото и во телекомуникациите, сега добива сосема нова геополитичка и економска димензија. Без него нема енергетска транзиција, електричен транспорт, модерни електрични мрежи, батериски системи и индустрија на иднината. Според најновата анализа на „Блумберг НЕФ“, светскиот пазар на бакар би можел да влезе во дефицит уште во 2028 година. Уште позагрижувачка е долгорочната прогноза дека до 2050 година јазот меѓу понудата и побарувачката би можел да достигне 20 милиони тони, што претставува дури 44 проценти од предвидената светска побарувачка. За да се спречи ваквото сценарио, ќе бидат неопходни инвестиции од околу 332 милијарди долари во нови рудници. Но проблемот не е само во парите. Отворањето нов рудник за бакар во просек трае околу 17 години, што значи дека денешните одлуки ќе ја определуваат состојбата на пазарот и во следните две децении.

Електричната револуција го троши бакарот

Најголемиот двигател на побарувачката е глобалната електрификација. Електричните автомобили, автобусите и камионите содржат значително количество бакар во моторите, инверторите, батериите, каблите и во системите за полнење. Истовремено, огромни количества од овој метал се потребни за проширување на електроенергетските мрежи, изградба на обновливи енергетски капацитети и складирање електрична енергија. „Блумберг НЕФ“ проценува дека вкупната побарувачка за бакар ќе порасне за 61 процент од 2026 до 2050 година, достигнувајќи речиси 46 милиони тони. Само потребите на електрифицираниот транспорт ќе се зголемат за 244 проценти. Но понудата не може да го следи ова темпо. Постарите рудници се соочуваат со опаѓање на квалитетот на рудата, растечки производствени трошоци и намалување на приносот. Новите проекти, пак, се соочуваат со долги административни процедури, недостиг од капитал, еколошки ограничувања и отпор од локалните заедници. Парадоксот е што светот веројатно располага со доволни геолошки резерви, но нема доволно нови производствени капацитети за навремено да ги претвори во метал на пазарот.

Геополитиката на бакарот – кој ќе ги контролира
новите ресурси?

Бакарот веќе не е само берзанска стока. Тој станува прашање на економски суверенитет и национална безбедност. Земјите што ќе обезбедат сигурни извори на снабдување ќе имаат сериозна предност во развојот на индустријата, енергетиката и во високите технологии. Особено е загрижувачка концентрацијата на преработувачките капацитети во Кина, која има доминантна позиција во глобалните синџири на снабдување со повеќе критични суровини. Затоа Европа почнува да ја менува стратегијата. Повеќе не е доволно само да купува суровини на светските пазари. Неопходно е да обезбеди сопствени извори, долгорочни договори, стратешки резерви и развој на рециклирањето.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц неодамна повика на создавање европски резерви од критични суровини и диверзификација на изворите на снабдување. Неговата порака до јавноста е дека економијата на иднината не смее да зависи од мал број производители и држави. Во такви услови, бакарот може да стане еден од најважните стратешки метали на 21 век. И додека големите економии се обидуваат да ги обезбедат своите идни потреби, за земјите што располагаат со значајни наоѓалишта се отвора историска можност. Но неа ќе ја искористат само оние што ќе знаат да ги усогласат инвестициите, еколошките стандарди и интересите на локалното население. Е.Р.


МАКЕДОНИЈА НА ПРАГОТ НА СУРОВИНСКАТА РЕВОЛУЦИЈА

Ќе се искористи ли шансата со бакарот?

 

„Иловица-Штука“ е еден од најголемите неискористени рударски потенцијали во земјава. Во време кога светот се подготвува за недостиг од бакар, Македонија сè уште нема одговор на кој начин ќе го претвори своето минерално богатство во нова развојна индустрија.

„Иловица“ – проектот што со години чека политичка и институционална разврска

Додека светските економии се подготвуваат за недостиг од бакар, Македонија има потенцијал да се позиционира на пазарот на оваа стратешка суровина. Најголемата можност е наоѓалиштето „Иловица-Штука“ во југоисточниот дел на земјата, кое со години е предмет на инвестициони најави, институционални спорови и силни реакции од локалното население. Проектот на „Еуромакс ресорсис“ предвидува инвестиција од стотици милиони евра, а досегашните процени укажуваат на можност за просечно годишно производство од околу 16.000 тони бакар, со проектиран работен век од околу 23 години. Тоа би можело да значи нов извозен производ, дополнителни приходи во буџетот, работни места и развој на придружни индустрии. Но потенцијалот засега останува неискористен.

Судски пресврт, но рудникот сè уште не е на повидок

Статусот на проектот доби нова димензија во 2026 година. На 23 јуни, Вишиот управен суд донесе одлука со која беше отстранета пречката за спојување на двете концесии на „Иловица“ и „Штука“. Со тоа беше отворена можноста за продолжување на административната постапка за обединување на концесискиот простор. Владата соопшти дека ќе ја почитува судската одлука, но нагласи дека економскиот развој не смее да биде на штета на здравјето на граѓаните, природните ресурси и животната средина. Сепак, судскиот пресврт не значи дека рудникот добил зелено светло за изградба. Во финансиските извештаи на „Еуромакс“ за првиот квартал од 2026 година се наведува дека конечната согласност за спојување на концесиите сè уште била предмет на административна постапка, а конечната формална согласност за студијата за оцена на влијанието врз животната средина не била издадена. Компанијата наведува и дека за понатамошниот развој ќе ѝ бидат потребни дополнителни финансиски средства. Значи, пред евентуалното отворање на рудникот остануваат важни правни, еколошки, административни и финансиски прашања.

Развојна шанса или еколошки ризик?

Најголемиот предизвик останува да се најде одржлив модел што ќе ги помири економските интереси со загриженоста на локалното население. Противењето на жителите и граѓанските организации не може да се третира како споредно прашање. Напротив. Тоа е од особена важност, особено поради значењето на земјоделството и водните ресурси во земјоделски богатиот и еколошки чист Струмички Регион.
– Ниту е полезно државата да ги држи во неизвесност неискористени своите минерални потенцијали (иако би било најдобро самата да ги искористи доколку може) ниту е добро, доколку се одлучи за рудна експлоатација, со тоа да го загрози земјоделството – гранката што државата треба стратегиски и ангажирано да ја развива, особено во делот на производството на храна. Но треба да се пресече. Овие две работи не одат заедно. Мора да се направи тежиште на една страна. Ако Македонија се реши да развива чисто, биолошко, па и органско земјоделство, тогаш тоа треба да биде фокусот. Ако, пак, Македонија сака да биде дел од европските синџири за снабдување со критични суровини, ќе мора да изгради јасна стратегија со транспарентни процедури, независни еколошки процени, строга контрола на работењето и реални економски придобивки за локалните заедници. Светот веќе влегува во нова трка за бакарот, а доколку се одлучиме да влеземе, нема уште многу време, но доколку го игнорираме овој предизвик, тогаш мора системски и тежишно да се посветиме на земјоделството. И двете решенија се легитимни и сѐ уште се опција, но крајно време е веќе да се пресекува. „Иловица“ не треба да се претставува како инвестиција што е пред непосредна реализација, туку како голем минерален потенцијал заглавен меѓу судски одлуки, административни процедури, еколошки дилеми и недовршена инвестициона приказна. Македонија може да добие значајна економска позиција во времето на светскиот недостиг од бакар, но прво мора да покаже дека знае одговорно да управува со сопствените природни богатства – велат двајца наши соговорници, едниот професор на Земјоделскиот факултет во Скопје, а вториот рударски инженер, кои ги поканивме на брифинг во нашата редакција. Е.Р.


Каков е актуелниот статус на „Иловица-Штука“?

Според достапните информации за статусот на „Иловица-Штука“, се констатираа следниве податоци:

1. 23 јуни 2026: Вишиот управен суд донесе одлука во корист на продолжување на постапката за спојување на двете концесии. Со тоа е отстранета една значајна правна пречка за проектот.
2. Владата јавно соопшти дека „ќе ја почитува судската одлука, но дека ќе инсистира на законитост, заштита на животната средина и јавниот интерес“!
3. За спојувањето на концесиите: според организацијата „Здрава котлина“, иако судската одлука е поволна за инвеститорот, сè уште постои административно прашање околу формалното спојување. Организацијата тврди дека не е потпишан договор за спојување на концесиите.
4. Еколошката дозвола: Во финансискиот извештај на компанијата „Еуромакс“, за првиот квартал од 2026 година, таа потврдува дека „конечната формална согласност за студијата за влијанието врз животната средина сè уште не била издадена“. Ова е еден од клучните услови за натамошниот развој на проектот.
5. Финансирање: компанијата „Еуромакс“ предупредува дека „ќе ѝ бидат потребни дополнителни финансиски средства за одржување и развој на проектот, како и за исполнување на финансиските обврски“. Е.Р.