Фото: „Нова Македонија“

БУГАРИЈА ВО ФОКУСОТ НА АМЕРИКАНСКО БЕЗБЕДНОСНО ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ

  • Софија е појдовната точка на безбедносната порака од Вашингтон, која се однесува не само на Бугарија туку и пошироко – на регионот и на Европа.
    Предупредувањето на американската амбасада во Бугарија приоритетно се однесува на американските граѓани, кои, според соопштението на Амбасадата на САД, се повикуваат на „засилена претпазливост пред божиќните и новогодишните празници“…
  • Вашингтон испраќа превентивен безбедносен сигнал до американските граѓани во пресрет на масовните собири и посетите на божиќните пазари, трговските центри, транспортните јазли и верските објекти по повод божиќните и новогодишните празници. Тие локации се посочени како потенцијално изложени на ризик, додека штрајковите, демонстрациите и лажните закани за бомби дополнително ја усложнуваат безбедносната слика

Деновиве американската амбасада во Бугарија (на 16 ноември 2026 година) издаде безбедносно предупредување со европски опфат, повикувајќи ги американските државјани да покажат засилена претпазливост во текот на претстојната празнична сезона. Предупредувањето доаѓа во период кога европските метрополи се подготвуваат за традиционалниот предновогодишен наплив на туристи, масовни манифестации и јавни собири. Иако Бугарија и натаму останува во првата безбедносна категорија на американските препораки за патување („…преземете вообичаени мерки на претпазливост…“), новото известување укажува на поширока безбедносна загриженост што не се однесува само на Софија или на една конкретна европска држава.

ПРАЗНИЧНАТА ЕУФОРИЈА ПОСОЧЕНА КАКО МОЖНА БЕЗБЕДНОСНА РАНЛИВОСТ

Според наш дипломатски извор, во фокусот на американското предупредување се големите јавни собири и туристички атракции.
– Според процените на американските безбедносни служби, од каде што по правило потекнуваат овие иницијативи за предупредување и процени упатени кон американските граѓани надвор од САД, „терористички организации, поединечни радикализирани актери, но и криминални групи можат да предизвикаат инциденти со мало или без претходно предупредување“. Особено се издвојуваат божиќните пазари, празничните фестивали, трговските центри, железничките и автобуските станици, аеродромите и верските објекти. Токму овие локации во декември традиционално привлекуваат голем број посетители, создавајќи безбедносен предизвик за надлежните институции. Предупредувањето не значи дека постои потврдена непосредна закана за конкретен град или настан. Неговата суштина е во превенцијата и во укажувањето дека празничната концентрација на луѓе може да ја зголеми изложеноста на различни безбедносни ризици – вели нашиот соговорник.

АЕРОДРОМИТЕ И СООБРАЌАЈОТ ПОД ДОПОЛНИТЕЛЕН ПРИТИСОК

Нашиот соговорник, дипломат, додава дека покрај предупредувањето за потенцијалните безбедносни инциденти, „Вашингтон предупредува и на можни нарушувања во европскиот воздушен и копнен сообраќај“.
– Штрајковите, демонстрациите и неодамнешните лажни дојави за поставени експлозивни направи во цивилното воздухопловство можат да предизвикаат доцнења, откажувања и пренасочување на летовите. Ова е особено значајно во период кога европските аеродроми се соочуваат со зголемен патнички интензитет. Една безбедносна дојава, дури и кога подоцна ќе се покаже како лажна, може да предизвика сериозни последици врз функционирањето на аеродромската инфраструктура и врз илјадници патници – вели нашиот соговорник.

ПРЕПОРАКА: ВНИМАТЕЛНОСТ, ИНФОРМИРАНОСТ И ПРЕВЕНЦИЈА

Американските власти ги повикуваат своите граѓани да избегнуваат демонстрации и места со засилено полициско присуство, да внимаваат на личните предмети и да ги следат локалните медиуми и официјалните информации. Особено се препорачува патниците непосредно да ги проверуваат известувањата на авиокомпаниите, како и да се придржуваат до инструкциите на локалните служби за итни случаи. Дополнително, се потенцира значењето на регистрацијата во програмата СТЕП (Smart Traveler Enrollment Program), преку која американските државјани добиваат информации и итни безбедносни известувања.

ЕВРОПА НЕ СМЕЕ ДА ЈА ПОМЕША ПРЕТПАЗЛИВОСТА СО ПАНИКА

Според нашиот соговорник, искусен дипломат, „најважната политичка и безбедносна порака од ова предупредување не е дека регионот се соочува со неизбежен терористички напад, туку дека се влегува во период во кој превентивната безбедност станува особено важна“.
– Во време кога божиќните пазари и празничните собири се симбол на европската културна традиција, секоја потенцијална закана добива и поширока општествена димензија. Безбедноста повеќе не е само прашање на видливо полициско-униформирано присуство туку и на координација меѓу државите, размена на разузнавачки информации, подготвеност на институциите и, се разбира, одговорно однесување на граѓаните. За земјите од Балканот, кои се тесно поврзани со европските транспортни, туристички и безбедносни текови, ваквите предупредувања треба да бидат повод за внимателно следење на состојбите, а не за создавање непотребна вознемиреност. Европа, очигледно, не се откажува од празничната атмосфера, но годинава ќе мора да ја дочека со поголема безбедносна будност. Пораката од Вашингтон со дипломатското соопштение од Амбасадата на САД во Софија треба да се толкува во насока на тоа дека празниците треба да останат празници, но во услови на променливи безбедносни закани, внимателноста не смее да биде оставена на случајноста – смирува на крајот со својата завршна експликација нашиот соговорник, искусен дипломат и политички аналитичар. П.Р.