Поранешниот бугарски премиер Симеон Сакскобурготски смета дека историските прашања во македонско-бугарските односи треба да им се препуштат на историчарите, додека политичарите треба да се фокусираат на практичната соработка и европската перспектива на Македонија.
Како што пренесува бугарскиот медиум „Актуално“, Сакскобурготски ја дал изјавата во Брисел, каде што претходно открил дека случајно се сретнал со македонскиот премиер Христијан Мицкоски.
Тој оценил дека дијалогот меѓу двете земји е позитивен и дека подобрувањето на добрососедските односи е во интерес на сите.
– Вчера случајно се сретнав со премиерот и ми беше многу драго. Мислам дека дијалогот во секој поглед е позитивен. Добрососедските односи се само во корист на сите. Треба да вложуваме напори. Пак ќе кажам нешто можеби политички некоректно. Сметам дека многу теми би требало да ги следат и разгледуваат историчарите, а ние да гледаме напред, кон практичното и кон влегувањето на Северна Македонија во ЕУ – изјавил Сакскобурготски.
Симеон Сакскобурготски беше премиер на Бугарија од 2001 до 2005 година, а земјата стана членка на Европската Унија во 2007 година.
































