Веста дека Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и Бирото за јавна безбедност (БЈБ), во соработка со партнерски служби, разоткриле прокси-мрежа поврзана со ирански државјанин е меѓу главните вести во грчките медиуми, јави дописничката на МИА од Атина. Според АНБ, членовите на мрежата преземале подготвителни логистички активности за извршување терористички напад или атентат врз лице во Грција, пренесува МИА.
„Планираа убиство во Грција по наредба од Иран – петмина уапсени во Атина и Скопје“, „Северна Македонија: Разбиена иранска мрежа што, се чини, планирала терористички напад или целно убиство во Грција“, „Петмина скопјани планирале убиство во Грција по наредба од Иран – уапсени во Атина и Северна Македонија“, „Иранска мрежа во Северна Македонија планирала убиство во Грција – петмина уапсени“, „План за убиство во Грција по наредба од Иран – петмина уапсени во Грција и Северна Македонија“ и „Иранска мрежа планирала атентат во Грција со извршители од Северна Македонија – петмина уапсени во Атина и Северна Македонија“ се дел од насловите во онлајн изданијата на грчките медиуми.
Информацијата беше пренесена и во пладневните вести на грчките телевизии.
Грчките медиуми го пренесуваат соопштението на АНБ и посочуваат дека на акцијата ѝ претходела размена на информации со странски служби, при што биле откриени начинот на дејствување на мрежата и нејзините врски со иранскиот државјанин.
Државната телевизија ЕРТ пренесе и дел од прес-конференцијата на директорот на АНБ, Бојан Христовски.
– Особено значајно е дека Агенцијата за национална безбедност на Северна Македонија тесно соработува со Националната разузнавачка служба (ЕИП) на Грција од почетокот на 2026 година, како и со други странски безбедносни служби, со цел да се откријат лица поврзани со ирански мрежи кои би можеле да планираат терористички активности – објави ЕРТ.
Онлајн изданието на весникот „Прото тема“ пишува дека биле уапсени пет лица. Едно од нив било уапсено во Грција и на 12 ноември било екстрадирано во Македонија.
– Властите на Северна Македонија директно ја поврзуваат мрежата на организиран криминал во земјата со планирање напад врз лице во Грција, по инструкции на ирански државјанин за кој се тврди дека одржува врски со иранските разузнавачки служби. Во соопштението не се наведува идентитетот на лицето што било цел на планираниот напад – пишува „Прото тема“.
Онлајн изданието на весникот „Та неа“ објави дека истрагата почнала кон крајот на февруари или почетокот на март годинава. Ја започнала грчката Национална разузнавачка служба во соработка со АНБ и со други западни служби.
– Целта беше да се откријат врските и намерите на лицата кои, се чини, дејствувале во име на ирански структури – објави весникот.
Засега нема официјално соопштение ниту реакција од надлежните грчки органи.































