Тутунскиот комбинат Прилеп денеска го започна предвремениот откуп на тутунот од годинашната реколта. Интересот кај тутунарите за предавање на „жолтото злато“ уште на првиот ден е поголем во споредба со минатата година, а очекувањата се дека претстојната откупна сезона ќе помине успешно.
На почетокот на откупот присуствуваше и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Борче Серафимовски, кој информираше дека досега се откупени шест тони тутун и дека квалитетот на предаденото производство е одличен.
Според најавите на министерот, годинава се очекува откуп на 26 до 30 милиони килограми тутун, согласно склучените договори. Со тутун биле засадени околу 15.000 хектари, што претставува зголемување во однос на минатата година.
Откупната цена за прва класа изнесува 435 денари за килограм, а државата ќе продолжи да ја исплаќа и субвенцијата за тутунот.
Серафимовски најави дека ќе се разговара за зголемување на субвенцијата од 80 на 90 денари за килограм, преку измени во програмата за поддршка на земјоделството. Како дополнителна мерка се разгледува и укинување на зелената нафта, со цел тутунарите да добијат дополнителни 10 денари по килограм тутун.
Министерот информираше дека сите десет откупувачи поседуваат лиценци за откуп, а четири компании веќе започнуваат со предвремен откуп.
Тутунскиот комбинат Прилеп ги отвори сите 34 откупни пункта низ државата. Генералниот директор Александар Алексовски истакна дека интересот кај производителите е голем, а досега предадениот тутун е со добар квалитет.
Тој посочи дека еден од поголемите предизвици е тутунот бран во ноември, кој поради временските услови потешко се суши правилно. Исплатата кон тутунарите ќе се врши двапати неделно, а планот на комбинатот е да откупи 2,6 милиони килограми тутун.
И претседателот на Сојузот на тутунски здруженија, Кире Ристески, потврди дека на почетокот на откупната сезона има зголемен интерес за предавање на тутунот.
Тој информираше дека со откупувачите не било постигнато договор за зголемување на откупните цени, поради што производството ќе се откупува според договорените услови и класификацијата.
Според Ристески, на ниво на државата ќе функционираат вкупно 334 откупни пункта, а сите откупувачи треба да започнат со откуп најдоцна до 1 декември. Очекувањата на Сојузот се дека годинава ќе бидат откупени околу 26 милиони килограми тутун.


































