Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, упати честитка до граѓаните по повод 17 ноември – Денот на Уставот и 35 години од неговото донесување.
По повод јубилејот, Костадиновски порача дека почитувањето на Уставот не треба да остане само на декларативно ниво, туку мора да се потврдува преку одговорноста, свеста и конкретните постапки на секој граѓанин.
Тој нагласи дека вистинската сила на највисокиот правен акт произлегува не само од неговите одредби, туку и од посветеноста на општеството кон вредностите што ги гарантира.
– Лојалноста кон Уставот е наша заедничка должност, а почитувањето на уставните вредности е чин на највисок патриотизам и љубов кон татковината – истакна Костадиновски.
Во честитката, претседателот на Уставниот суд посебно ја нагласи важноста од изградба на правна држава во која владеат правото, правдата и еднаквоста, посочувајќи дека тоа е обврска на секоја генерација.
Според него, преку доследно почитување на уставните принципи се оддава почит на аманетот на претходните генерации и се создаваат темели за подобра иднина на поколенијата што доаѓаат.
Костадиновски повика граѓаните со своите дела да ја потврдат верноста кон Уставот и да придонесат за изградба на слободна, демократска и просперитетна држава.
– Да бидеме генерација која со своите дела ќе ја потврди својата верност кон Уставот и ќе придонесе за изградба на слободна, демократска и просперитетна држава. Нека ни е честит Денот на Уставот – порача Костадиновски.

































