Десеттото издание на „Медиумскиот фестивал Скопје“, во организација на Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), ќе се одржи од денеска до 19 ноември во „Лабораториум“. Јубилејното издание на единствениот македонски фестивал целосно посветен на медиумската работа повторно нуди богата филмска програма и интересни разговори на актуелни прашања врзани со новинарската задача. За фестивалското отворање е закажан „Птици на војната“ каде што ги гледаме храброста и човечноста низ комуникацијата и снимките направени директно од протагонистите – либанска новинарка со седиште во Лондон и сириски снимател. Првата дискусија е посветена токму на промените на медиумската сцена во последнава декада и предизвиците што ни се најавуваат во иднина. Вториот фестивалски ден започнува со работилница за справување со стрес на психотерапевтката Радмила Живановиќ. В среда ќе се одржи дискусија за женскиот глас во јавната сфера и обработката на теми што особено ги засегаат жените, а може да се погледнат и „Укради ја приказнава, те молам!“ за непоколебливата легендарна новинарка Ејми Гудман, и „Демократијата во мрак“ каде што ја следиме трансформацијата на Унгарија од демократска земја во авторитарно владеење. Последниот фестивалски ден започнува со работилница на Маја Атанасова од Македонското здружение на млади правници, која ќе покаже на што да се внимава при потпишување договори и прифаќање ангажмани. Впечатливиот „80 гневни новинари“ ќе се прикаже в четврток во 20 часот. Фестивалот го затвора извонредниот „Господин Никој против Путин“, награден со „Оскар“ за најдобар документарен филм за 2025 година.
































