Претставена новата книга за деца на Татјана Гогоска

Детскиот оддел на библиотеката „Браќа Миладиновци“ во Скопје, минатиот четврток наликуваше на вистински литературен кружок за големи и мали, кои заедно присуствуваа на промоцијата на книгата „Распеаниот лифт“ на авторката Татјана Гогоска. Во непосредна, забавна и топла атмосфера, возрасните се потсетија на своето детство, а децата уживаа во откривањето на еден возбудлив свет, во кој главни ликови се осумгодишната Бистра и Распеаниот лифт, кој е центар на нејзината фантазија и соништа.
Интересно е дека децата беа трпеливи и со внимание следеа сѐ што се случува на промоцијата, а за нив Гогоска и нејзините соработници подготвија и подароци, но имаше и интеракција. И возрасните, во вториот дел на промоцијата, имаа можност активно да се вклучат во довршувањето на расказите.
– Би сакала да му се заблагодарам на тимот што заедно со мене учествуваше во создавањето на оваа книга, на мојата рецензентка Лилјана Пандева, која многу брзо ми ја испрати рецензијата, бидејќи книгата ја инспирирала да реагира веднаш. Драго ми е што таа забележа дека ова не е само книга за деца туку и за возрасни, кои низ животот носат дел од своите детски денови. Ѝ благодарам и на Валентина Бачваровска, мојата лекторка, која по читањето и лектурата на делото посака таа да стане дел од лектирите во училиштата. Најмногу ѝ се заблагодарувам на мојата ќерка Елена, која долги години е и моја соработничка, и искрено се надевам дека и во иднина ќе ги илустрира моите книги. Според неа, ова е најдобрата моја книга за деца досега – изјави Гогоска.

Фото: приватна архива

Авторката дополни дека „Распеаниот лифт“ е книга што ја напишала најбрзо досега, само за три недели.
– Расказите во оваа книга се спој на доживеаното во моето детство, детството на моите деца и на моите четири внучиња: Петра, Денко, Алексеј и Бистра, по која и главната хероина на „Распеаниот лифт “ го доби името. Им ја посветувам на сите деца, бидејќи никој не сонува толку искрено и со толку жар како децата. Никој нема поискрени желби од нив. Најважно е секое дете да има шарено, весело и полно со многу љубов детство – посочи Татјана Гогоска.
А според рецензентката Лилјана Пандева, „Постојат книги што им ги читаме на децата, а има и такви што нè потсетуваат дека и ние, возрасните, никогаш не треба да престанеме да сонуваме. Затоа што соништата ни се дозволени на сите и тие ’врнат‘, ги има во изобилство, само треба да ги следиме, независно дали со отворени или со затворени очи“.
Промоцијата беше во организација на продукцијата „Кат“, а книгата е испечатена со поддршка на Министерството за култура и туризам. М.Т.