- Бидејќи сте многу љубопитни и желни за знаење, учење и за откривање на непознатото, во соработка со Македонското еколошко друштво ја воведовме рубриката „Откриј ги тајните на живиот свет“, со цел преку интересни факти да ви ги претставиме македонските природни богатства
Мршојадци има низ целиот свет – освен на Антарктикот и во Австралија. Главен специјалитет на менито им се мршите, поради што се незаменливи чистачи на природата. Нивната желудочна киселина е толку силна што без проблем уништува бактерии како антракс, салмонела и бруцелоза.
Во светот постојат 23 вида мршојадци. Оние од Северна и од Јужна Америка ја наоѓаат храната со помош на мирисот. Можат да намирисаат мртви животни на растојание до два километра. Оние, пак, од Африка, Азија и од Европа ја наоѓаат со помош на видот. За да дојдат до убав оброк не ги испуштаат од вид животните или другите некрофагни птици што трагаат по храна.
Сте знаеле ли дека кога мршојадците летаат во кругови, тие, всушност, не чекаат пленот да умре? Со кружење околу т.н. столбови од топол воздух што се крева, тие се искачуваат високо, каде што можат да лебдат без да мора да мавтаат со крилјата. Не секогаш лесно наоѓаат храна, па така, штедат енергија.
На европскиот континент се сретнуваат четири вида – со исклучително фасцинантна хиерархија во исхраната!
Прв пристигнува црниот мршојадец (Aegypius monachus). Најголем е и најмоќен од четирите мршојадци во Европа. Со огромниот силен клун ја пробива тврдата дебела кожа и пристапува до внатрешните мускули и органи. Без него другите видови нема шанси да го отворат трупот.
Потоа, во големи јата пристигнува белоглавиот мршојадец (Gyps fulvus). Се собира околу мршата и го јаде најголемиот дел од меките ткива. Трет настапува брадестиот мршојадец (Gypaetus barbatus). Познат е и како коскар бидејќи се храни со коските. Ги голта цели или ги фрла врз карпи за да се скршат, па ја јаде коскената срцевина.
Последен слетува египетскиот мршојадец (Neophron percnopterus). Во народот е познат како кања. Најмал е од европските мршојадци, па мора да биде трпелив. Ги чисти последните остатоци, а специјалист е за кршење јајца!
Со други зборови, кај мршојадците си има ред! Големината на телото, силата на клунот и возраста диктираат кој ќе јаде прв, кога ќе јаде и што ќе јаде. Конкуренција не постои – секој вид е специјализиран за различни делови од мршата.
Па, верувале или не, кога од една мрша јадат сите четири вида мршојадци, неа ја снемува за 60 минути! Има ли во природата подобар пример за еколошко однесување од ова?
Текст и фото: МЕД
































