Времеплов – Кога бев ученик: Џина Папас Џокси, кантавтор

Кантавторот Ѓорѓе Васиќ, кого сите го знаат како Џина Папас Џокси, годинава слави голем јубилеј – 50 години занимавање со музика. Освен што оставил голема трага во македонската популарна музика, Џокси им е и голем пријател на децата. Автор е на два големи детски хита: „Новогодишна“, песна што ја испеа со Оливера Лазаревска во 1994 година, и „Шарени чадори“, која пред десетина години заедно со учениците од ОУ „Ј.Х. Песталоци“ му ја посвети на Скопје, нашиот главен град, кој на 13 ноември одбележа 82 години од ослободувањето.
Токму со оваа песна Џокси беше дел и од прославата на нашиот роденден – 65 години „Колибри“, кога ја изведе заедно со дечињата од скопското ОУ „Ј.А. Коменски“.
Исто така, тој е автор и на стотина детски телевизиски емисии со интересни содржини.
Неодамна, сакајќи и на страниците на „Колибри“ да го одбележиме неговиот јубилеј, го потсетивме Џокси на неговите ученички денови, првите симпатии, палавштини, но и на првите јавни настапи.

Какви се вашите први спомени на детството?
– Роден сум на 11 октомври 1957 година во Скопје, а детството до второ одделение го минав во населбата Мичурин, каде што живеевме во зграда, блиску до последната постојка на автобусот со број 57. Татко ми Боро бил воено лице, но кога дошол во Скопје ја сменил професијата и се вработил во градежна фирма. Се запознале со мајка ми Евгенија, Гина, чие моминско презиме било Попова, која потекнува од Егејска Македонија, и меѓу нив се родила љубов. Тие беа моја голема поддршка, како и баба ми Уранија и дедо ми Димитрија, чија животна приказна подоцна ме инспирираше да ја напишам сега веќе култната песна „На Велигден“. Бидејќи цело време со другарите од повеќе националности си игравме надвор, на неасфалтираната улица бр. 361, баба ми често трчаше по мене за да ми даде лепче со шеќер и вода. Ги паметам и катастрофалниот земјотрес и страшниот момент кога сѐ се рушеше во нашиот дом, а мајка ми со своето тело го штитеше креветчето во кое беше мојот помлад брат. Нашата зграда се урна, но, за среќа, нашето семејство ја преживеа катастрофата, па потоа се преселивме во Чаир.
Кои игри ги игравте со другарите?
– Имав прекрасно детство. Се собиравме во маалото многу деца, претежно беа деца на Македонци од Грција, Егејци, но имаше и од други националности. Блиску беше фабриката „Конзерва експорт“, па се протнувавме под оградата, крадевме конзерви, кои потоа ги кревавме во воздух со динамит. Страдаа прозорците на околните куќи. Искрено, тоа не беше нималку наивно. Се разбира, игравме и фудбал, викторија, камај, џамлии, возевме велосипед на едно тркало… Се сеќавам, во тие години татко ми купи црно-бел телевизор, на фабриката „РР Ниш“, го вадеше надвор и сите соседи заедно гледаа вести и други емисии. Ние децата, пак, баравме начин како да се забавуваме, па од некои штици и талпи направивме импровизирана бина, на која јас го одржав својот прв настап со песна на Ѓорѓе Марјановиќ, разигран твист. Пеев „Ринге ринге јаја, дошол чичко Паја“, имав шест години. Но кога тргнав во прво одделение во ОУ „Иван Горан Ковачиќ“, како да исчезна целата моја палавост, зашто новата ситуација ја сфатив премногу сериозно. Со текот на времето стравот исчезна.

Џокси со учениците од скопското ОУ „Ј.А. Коменски“

Од Мичурин се селите во Чаир со семејството. Како се вклопивте во новата средина?
– Кога беше готов нашиот стан, се преселивме во Чаир, каде што јас почнав да одам во трето одделение во ОУ „Цветан Димов“. Десетина години живеевме во оваа скопска населба. Таму имав другари Македонци, Албанци, Турци…, но за нас децата тоа не беше важно. Наставничката Радмила ме воведе во светот на уметноста, па така, во една училишна претстава во четврто одделение играв Месечина. Македонски ми предаваше Македонка, а српскохрватски, кој тогаш беше задолжителен, Владанка. Тие две ме воведоа во светот на литературата, но ми ги открија и првите животни лекции.

Се сеќавате ли на првата љубов?
– Имавме во училиштето мандолински оркестар, јас се зачленив во него и почнав со музицирање. Учевме како се штима, како се свири, како се држи инструментот… Свиревме само за патронати и на градски натпревари. Интересно е дека на еден од часовите кога вежбавме, се вљубив во девојчето Бранка. Таа беше мојата прва љубов. Еднаш толку многу ја задевав, ја штипкав и ја скокоткав што наставничката ме избрка од час, но и од училишниот оркестар. Не помогнаа ниту убедувањата на вујко дека ќе се смирам и оти во иднина нема да правам бели.

Кога се заинтересиравте за спортот?
– Бев седмоодделенец кога во Чаир се изгради спортскиот центар „Партизан“. Тоа беше расадник на таленти. Учениците играа одбојка, ракомет, кошарка, фудбал… Младите беа ангажирани на многу страни, никогаш не им беше здодевно.Имав среќа што физичко ми предаваше познатиот Миле Чатал, кој забележа дека имам предиспозиции за гимнастика. Ме забележа, заедно со други деца, па ние неколкумина од шесто и седмо одделение почнавме да вежбавме во „Партизан“. Во 1972 година се одржаа Мали олимписки игри на ниво на Град Скопје, каде што се натпреваруваа децата во разни спортови. Јас се натпреварував во гимнастика и бев севкупен победник во вишебој. Потоа, сите што вежбавме во „Партизан“ се запишавме во Средното градежно училиште „Здравко Цветковски“, па продолжив да нижам победи. Тогаш нѐ презеде Митко Шкипер и продолжив да вежбам во „Партизан 3“ во Градскиот парк, а станав и младински државен репрезентативец. Тренер ми беше Јован Раичевиќ, со кого со неколкумина одбрани соученици во втора година се подготвувавме за европско клупско првенство во Виена, Австрија. Вежбавме по десетина часа на ден, без некоја соодветна исхрана, па така, еден ден јас дома се онесвестив од премаленост и завршив во болница каде што одлежав 20 дена. Освен тоа, многу попуштив на училиште, па ја загубив и годината. Не ја добив очекуваната поддршка да ја повратам формата, но токму тоа ме насочи кон музиката. Сепак, добрите навики останаа, па така, и денес вежбам секое утро, трчам на кејот и ја одржувам кондицијата.

Во седмо одделение, прв од лево, клекнат

Како гитарата и музиката станаа неизоставен дел од вашиот живот?
– Сѐ почна сосема случајно кога професорката по германски јазик ни рече дека треба да одиме на натпревар и нѐ праша дали некој од нас знае да свири на некој инструмент и да чита ноти. Се јавивме неколку другари како доброволци, но излажавме дека знаеме да читаме ноти. Со другар ми Ацо Стевковски сами смисливме мелодија за една стихотворба, беше нешто во врска со санкање и лизгање. Освоивме прво место на натпреварот. Кон крајот на втора година во ГУЦ, свирев и со Бубе Тартиф (Љупчо Ќурчеиевски) во училишниот оркестар, па директорката Чемерска, која ги забележа мојот интерес и талент за музика, сакаше да ме премести во средното музичко училиште, но татко ми не се согласи. Во тој период врз мене многу влијаеше мојата професорка по македонски јазик, писателката Славка Арсова. Таа по секоја цена настојуваше убаво да зборувам литературен македонски јазик, па ме прати во детската драмска секција на КУД „Мирче Ацев“, каде што набрзо играв и во една претстава во која глумев смрт, па така и ме нашминкаа, а настапив со мали балерини. Освоивме прва награда на републички натпревар, па отидовме и на државен. Дури јас на одредени делови од текстот правев сонгови, што ги интерпретирав придружувајќи се на гитара, што се покажа како вистински потег. Бев дел од оваа сцена три години.

Чукнавте и во МРТ, сакајќи да го пронајдете својот пат.
– Да, двапати бев на аудиција за пејач во Радио Скопје и ме одбија, првиот пат Чешларов кажа не, а вториот пат тоа беше Славе Димитров. Сепак, тој беше продуцент кога ја снимив мојата прва авторска песна за Радио Скопје заедно со Јане Цевка. Песната имаше малку необичен наслов „Машки рогови, маки големи“ – па ни рекоа да го скратиме. Мелодијата ја прекрстивме во „Девица“, хит што трае до денес.

Групата „Макакус“ го трасираше вашиот успешен пробив на музичката сцена, зарем не?
– Пред „Макакус“, кратенка од македонски акустичари, многу кратко бев дел од групата „Бони топ“. Во 1976-1977 година почнавме да свириме, а први членови на „Макакус“ бевме јас, Ацо, Орша, Јаблан, Цики и Викторија. Гитаристот Јане Пенов беше дел од нашиот втор состав. Тогаш свиревме на еден голем настан на плоштадот во Скопје, во организација на НИП „Нова Македонија“. Тоа ни беше отскочна штица за понатаму.