- Покрај редовните трошоци за храна, облека, училишни потреби и за сметки, родителите во Македонија издвојуваат значителни средства и за
вонучилишните активности на своите деца. Учењето странски јазици, спортските тренинзи, танцувањето и приватните часови за совладување на училишниот материјал за многу семејства се веќе вообичаен дел од месечниот буџет
Од 1.200 денари за курс по странски јазик, најмалку 1.400 денари за часови по танц, па сè до неколку илјади денари за приватни часови – дополнителното образование и активностите на децата стануваат значителен трошок за семејниот буџет. За семејство со две деца, месечните издатоци лесно можат да надминат пет илјади денари, а со дополнителни часови и други активности, сумата расте уште повеќе.
Покрај редовните трошоци за храна, облека, училишни потреби и за сметки, родителите во Македонија издвојуваат значителни средства и за вонучилишните активности на своите деца. Учењето странски јазици, спортските тренинзи, танцувањето и приватните часови за совладување на училишниот материјал за многу семејства се веќе вообичаен дел од месечниот буџет. Иако родителите сакаат да вложуваат во образованието, талентот и во физичкиот развој на децата, ваквите активности подразбираат и дополнителен финансиски товар, особено за семејствата со две или повеќе деца, кај кои трошоците се зголемуваат со секоја нова активност.
Според цените што ги разгледавме, најевтините курсеви по странски јазици започнуваат од околу 1.200 денари месечно, додека за индивидуален приватен час по одреден училиштен предмет се наплаќаат најмалку 300 денари. Цената зависи од предметот, возраста на ученикот и од наставникот. За спортските активности, пак, месечната членарина за фудбал, ракомет или за одбојка започнува од околу 1.200 денари. Кај модерните танци, вклучително и хипхоп, месечната членарина најчесто започнува од 1.400 денари.
Две деца, четири активности – најмалку пет илјади денари месечно
Да земеме пример со четиричлено семејство во кое двете деца посетуваат курс по англиски јазик, а секое има и по една спортска или рекреативна активност. Ако двете деца посетуваат курс по англиски јазик по цена од 1.200 денари, семејството само за изучување на јазикот месечно издвојува 2.400 денари. Доколку едното дете тренира фудбал, за што членарината изнесува најмалку 1.200 денари, а другото посетува часови по модерен танц по цена од 1.400 денари, вкупниот месечен трошок се искачува на 5.000 денари. Тоа значи дека за десет месеци активности семејството би издвоило најмалку 50.000 денари, односно околу 813 евра.
Во оваа пресметка не се вклучени дополнителните трошоци за спортска опрема, дресови, патики, костими за настапи, натпревари, превоз, екскурзии или учество на турнири. Кај некои активности токму овие дополнителни издатоци можат значително да го зголемат годишниот трошок.
„Не сакаме да ги лишиме децата од активности, мораме внимателно да го планираме семејниот буџет“
– Имаме две деца и двете одат на англиски јазик. Едното тренира фудбал, а другото оди на танц. Само за членарини месечно издвојуваме околу 5.000 денари. На тоа треба да додадеме и пари за превоз, опрема, понекогаш за натпревари и настапи. Не сакаме да ги лишиме децата од активности што ги сакаат, бидејќи сметаме дека тоа е инвестиција во нивната иднина. Но, реално, секој месец мора многу внимателно да го планираме семејниот буџет. Ако се појави потреба и од приватни часови по математика или по друг предмет, трошокот дополнително се зголемува – вели Марина Стојановска, мајка на две деца.
Ваквата пресметка покажува дека и со избор на активности со пониски членарини, семејствата треба да издвојуваат значителна сума.
Приватните часови дополнително ги зголемуваат трошоците
За дел од учениците, курсевите и спортските активности не се единствениот дополнителен трошок. Кога ќе се појават тешкотии со одреден училиштен предмет, родителите често се одлучуваат и за приватни часови. Цените започнуваат од околу 300 денари за час, но може да бидат значително повисоки, особено за математика, физика, хемија и за странски јазици. Ако едно дете посетува по два приватни часа неделно, по цена од 300 денари, родителите за четири недели би издвоиле дополнителни 2.400 денари.
Тоа значи дека семејството од претходниот пример, наместо 5.000, месечно би трошело најмалку 7.400 денари за дополнителното образование и за активностите на двете деца. Доколку и второто дете има потреба од приватни часови, износот би можел да се приближи до 10.000 денари месечно, дури и со најниските цени земени во пресметката.
И во спортот има дополнителни трошоци
Иако месечните членарини за спортските активности на прв поглед не изгледа дека се високи, родителите често треба да издвојат дополнителни средства за опрема и за учество на настани. За фудбал и други спортови се потребни копачки или друг вид патики, во зависност од спортот. Кај танцовите клубови, покрај месечната членарина, може да има дополнителни издатоци за костими, настапи и натпревари. Па така, костим може да чини и до 3.000 денари, котизација 900 денари, а тука се наплаќа и влезница за натпреварувањата, па ако родителот сака да го гледа детето како танцува на натпревар, ќе треба за себе да плати влез од 300 денари. Ако дојдат двајцата родители и брат или сестра на детето што настапува, цената за влез се искачува до 900 денари. Ако детето посетува повеќе активности, растат и трошоците за превоз, особено кога родителите мора да го носат на различни локации неколкупати неделно.
































