Филозофијата на Кралот и тешките чевли на засилувањата, Вардар победи, дилемите останаа

РАКОМЕТ, СЕЗОНА 2026/2027, КОЛУМНА 6

  • Во натпревар што беше окарактеризиран од јавноста и медиумите, а и најавен од моја страна како скопско дерби, шампионот Вардар го совлада Алкалоид, со резултат 36-31

Шампионот Вардар, во натпревар што беше окарактеризиран од јавноста и медиумите, а и најавен од моја страна како скопско дерби, го совлада Алкалоид, со резултат 36-31. Досега невиден преседан е да започнам една колумна со информација за конечниот резултат, а сето тоа како последица на критиките дека многу често или речиси никогаш не го правам тоа. Имено, се водам од мислењето дека, ако си се нашол на оваа страница, веројатно си минимум писмен и следиш ракомет, па многу е веројатно дека си слушнал или прочитал кој со кого играл и со каков резултат победил или загубил.
Дерби што оправда сѐ што зборува(в)ме сите овие години, околу квалитетот на екипите во домашното првенство, но и натпревар што којзнае по кој пат нѐ замисли каде се сите оние скопјани во сабота попладне. Секоја чест на исклучоците, и за нив сме зборувале и пишувале, но Скопје е голем град, со многу активности и настани, за разлика од внатрешноста, па како таков има и речиси милионско население, од кое едноцифрен процент е доволен за да ја преполни најголемата спортска затворена арена во Македонија.
Досадно, нели?
Дерби-натпревар. Не секогаш го добива оној што, на хартија, е подобар. Не го добива ниту тимот што во своите редови има играч со подобра индивидуална статистика, ниту, пак, оној тим што во одредени моменти изгледа поблиску до победата. Но со сигурност добива оној што има повеќе тактички решенија, поголема ротација и поширок избор на играчи способни да преземат одговорност кога натпреварот влегува во критична фаза.
Чуму сето ова горенапишаново?
Вардар беше фаворит пред синоќешниот натпревар. Без пораз во домашното првенство, со континуиран напредок во играта, „здрав ростер“ и повеќе играчи што можат да решат натпревар. Фаворит што, на крајот од натпреварот, ја оправда улогата и потврди некои работи што „лебдеа во воздухот“ изминатите недели и месеци.
Велам, средбата меѓу Вардар и Алкалоид отвори, но и разјасни неколку интересни прашања за двата тима. Некои од нив, следниот период, опширно ќе ги разработиме и како тези ќе ги поставиме со нашите гости во поткастот „B&D and Handball Talks“. Ќе се обидам да ги нафрлам во оваа колумна само како размислување, од кое во иднина ќе се носат заклучоци.
Пред сѐ, овој Алкалоид, и покрај неколку засилувања од страна со етаблирани играчи, сѐ уште во добра мера зависи од играта на ракометниот Брус Ли. Играч што со својата индивидуална техника, продорност и способност да создава предност за соиграчите има посебно место во офанзивната концепција на тимот. Марко одигра и повеќе од солидна партија, на огромно задоволство на неутралните следбеници на ракометната игра во државава. Неговиот солиден настап беше важен дел од отпорот што го пружи Алкалоид, но истовремено повторно го отвори прашањето за компатибилноста на новите засилувања со она што веќе подолго време го градат „децата на Кралот“, меѓу кои Марко е прв и најекспониран. Истото тоа важи и за капитенот, Ѓоргиев, за кого добив впечаток дека не може да се снајде во играта со Борозан, Борзаш или Цехте, играчи што се релативно ракометно сиромашни и не кореспондираат со начинот на кој Лазаров гледа на ракометот.

Тука можеби и „лежи зајакот“, во однос на повеќепати повторуваниот општ впечаток дека овој Алкалоид не е бледа сенка на оној што беше тркачки терминатор, кој фосрсираше игра на „трчај и шутирај“, кој играше на погодок повеќе во мрежата на противникот. Тука ќе застанам околу тоа кој и зошто е избран како засилување и дали е адекватен за функцијата што му се доверува.
На спротивната страна, Вардар покажа нешто што е особено важно за секоја екипа со шампионски амбиции, ширина во ростерот. Не станува збор само за бројот на квалитетни ракометари туку и за можноста за различни тактички комбинации, промени во одбраната и нападот, како и способноста за адаптација на она што го наметнува противникот.
Но Вардар покажа и одредена доза ранливост. Особено во моментите кога на теренот нема некои од клучните играчи, а кај дел од оние што се присутни мислите очигледно веќе не се целосно насочени кон Скопје. Колкав дел од одговорноста за тоа лежи кај самите ракометари, а колкав во нешто друго, е прашање за посебна анализа. Но едно е сигурно: бакнувањето на клупските симболи кога сѐ е во најдобар ред, а потоа лесното вртење на грбот и однесувањето на недопирлива примадона, не се вредности што би требало да го карактеризираат еден голем спортски бренд. Затоа што дресот, оној црвено-црниот, не е само обврска кога победуваш туку и одговорност кога треба да се одработи обврската докрај. И тука ќе застанам.
Сега малку за самиот натпревар.

Лазаров, малку несвојствено за него, го изненади Чупиќ, со досега ретко видена формација 5+1, каде што Џонов беше во улога на полуфластер, обидувајќи се да го дестабилизира нападот на шампионот. Легитимно донекаде, иако таква формација во модерниот ракомет е вистински раритет. Велам легитимно, во случај кога Вардар на терен има еден „зналец“ и двајца бекови како Абделхак и Љевар. Играчи што потешко создаваат ситуација сами за себе. Брза топка на бековите и игра еден на еден во ситуација кога просторот од 6 метри се брани со 5 играчи е вистински предизвик. На стартот и овие две работи создаваа проблеми, особено во ситуација кога крилата на Вардар реализираа. Вардар држеше пристојна разлика од +3, сѐ до моментот кога Џонов не се „наштима“, а Кизиќ „скина“ неколку зицери на домаќинот.
Паралелно, Марко Митев сам реализираше и сервираше топки за Сухолешник, а како поддршка секвенционо се јавуваше Борозан, па и Борзаш. Сето тоа донесе егал натпревар и на терен, а и резултатот на семафорот го покажуваше истото тоа.
И сѐ беше подготвено за неизвесен завршеток, на начин на кој му прилега на еден дерби натпревар. Но Брус Ли не може да биде мотор на тимот цели 60 минути, Џонов доби црвен картон, а Чупиќ со тактичка минијатура, поставувајќи го нашиот Фадиљ на лево крило, со задача по извлекување да ја „буши“ зоната од својата природна позиција, само дотури керозин во машината, за конечна победа на Вардар.
Секако, не беше сѐ така едноставно. Домаќинот покажа дека има еден куп зналци во тимот, но и „тешкаши“ на линијата од шест метри. Сократес продолжува да „продава“ ракомет, Египќанецот иако по повредата не е на исто ниво, сосема коректно го даде својот удел, Љевар на двете страни го „изора“ теренот, а Гогов беше „јаготка на шлагот“ во триумфот на шампионот.

Алкалоид, од друга страна, не успеа да го изненади шампионот. Но нема за што претерано да жали околу резултатот, во однос на оние концепциски проблеми што ги наведов на почетокот на оваа колумна. Тоа е во перспектива многу поважно. Се обиде, даде сѐ од себе, се врати од негатива од три гола и во еден момент покажа дека може да му парира на Вардар. Но повторно се појавија проблеми со кои тимот се соочува и во други натпревари. Дополнителна тежина имаа и пеховите со повредите и исклучувањата, но и покрај тоа, Алкалоид пружи повеќе од достоен отпор.
Подвлекувам црта.
По овој натпревар остануваат две работи за дискусија и анализа. Дали статусот на „принцот од Јане“ во однос на промената на средината може да влијае на неговиот придонес и атмосферата во тимот, а и односите со тренерот и колку отсуството на вистинскиот Јака може да биде важно во продолжението на сезоната?
И второ, како клубот од Автокоманда ќе ја надмине очигледната противречност меѓу ракометната филозофија што ја застапува Кралот и, во најмала рака, дискутабилниот избор на засилувања за оваа сезона?
Тука сме. Ќе анализираме.

Горан Ѓоргоновски

Авторот е поранешен македонски репрезентативец и координатор на проектот „Ракомет за секое дете“