Емпатија или чувство што се покажува

Чувството на емпатија или разбирање и споделување на чувствата на другите е чувство што денес недостига не само кај учениците ами воопшто меѓу луѓето. Ретко среќаваме луѓе што сочувствуваат со другите и им помагаат, односно што ги охрабруваат луѓето да ги препознаат туѓите проблеми, поттикнувајќи чувство на солидарност и морална одговорност. Постојат многу начини како да се покаже ова многу важно чувство, на пример преку одредени волонтерски акции со различни групи во заедницата, потоа преку ангажирање во проекти што поддржуваат маргинализирани или обесправени поединци, или конкретно емпатија и сочувство може да се развијат кај учениците, на пример, преку интеракција со постарите жители во дом за нега на стари лица, која ќе обезбеди да се сослушаат нивните искуства, или доста е актуелна инклузивноста каде што сите без оглед на нивното потекло, идентитет или способности се чувствуваат почитувани и ценети. Прифаќањето на инклузивноста и различноста обезбедува сите ученици да имаат еднакви можности за учество и придонес, промовира меѓусебна поддршка, почитување и разбирање меѓу учениците, а исто така ги подобрува социјалните вештини на учениците и ги проширува нивните перспективи. Има доста можности и начини како да се биде емпатичен во секојдневниот живот. Потребни се минимална добра волја, широко срце и многу љубов за да се покаже емпатија наместо да гледаме секојдневни недолични сцени и однесувања…
Неколку совети и пораки, особено до учениците, кои зачестено им ги повторувам:
– сакајте се, почитувајте се и помагајте си меѓусебно;
– користете културни и долични изрази кога комуницирате;
– смејте се, бидете позитивни и свои, мислете со своја глава;
– не завидувајте му никому, ами бидете задоволни со тоа што го имате;
– не бидете нервозни и агресивни, туку смирени и со убав збор да се разбирате;
– делете ги обврските што ги добивате во училиште, на тој начин сте другарчиња;
– читајте книги, запознавајте го светот на убавата белетристика;
– паметно и со конкретни цели користете ги социјалните мрежи и медиуми;
– оставајте позитивни впечатоци и дома, и надвор, и и во училиште и секаде…
Како наставник сметам дека чувството на емпатија е доста запоставено и невлијателно во денешните услови на живеење и опкружување, па се трудам на внимателен и разбирлив начин да ги потсетувам моите ученици, кои се најзасегнати од ова чувство што ретко го имаат. Ако не се научат од најмала возраст да бидат од корист и од помош на заедницата, тогаш ќе посегнуваат по лоши дела и влијанија за кои мислам дека воопшто нема да им бидат од корист.

Ако не ги потсетуваме децата да шират чувство на емпатија, тогаш не сме постигнале ништо да им помогнеме да станат подобри личности. Ниту предавања, ниту какви било совети нема да помогнат ако дома и во училиште не се реагира континуирано и соодветно. Денешните деца живеат во друг свет, многу поразличен од светот некогаш, а тоа си го прави брзиот начин на живот и развојот на технологијата а со тоа и социјалните мрежи, кои секојдневно се развиваат во нови изданија и предизвици. Не случајно може да забележиме ученици што со пенкало се цртаат по рацете или така доаѓаат од дома во училиште, тотално незаинтересирани и без волја за час, се трудат да копираат некои нови интернет-трикови, потоа имаме т.н. тикток-предизвици што се практикуваат на некаков начин и којзнае уште што… Сето тоа е како сунѓер кај децата, па тешко е да се одвикнат и да сфатат дека така не е во ред и не треба да следат и да практикуваат такви работи. Тоа се сфаќа како модерен тренд. Токму тоа е причината зошто немаат волја за книга, другарство и училиште, а камоли да покажат чувство за одговорност и емпатија. За жал, таква ни е реалноста што секојдневно ја гледаме.
Сепак, на крајот ќе завршам со позитивна мисла како и секогаш, а особено се обраќам со апел до учениците затоа што тие се иднината во која треба одговорно и цивилизирано да чекорат: бидете добри како деца и како личности, покажувајте го чувството на емпатија затоа што не е воопшто тешко, почитувајте ги претпоставените и повозрасните од вас и бидете културен пример за тоа како треба да се гради свет без насилство и жртви. Колку и да изгледа тешко, сепак е возможно. Недостига љубов, а со неа радост, недостигаат и сите позитивни чувства. Верувам во добрите дела и знам дека можат да се случат промени. Па, ајде покажете дека навистина е така!

Проф. Александар Адамовски