Проф. д-р Никола Јанкуловски е избран за нов претседател на Лекарската комора, додека д-р Идриз Орана ќе ја извршува функцијата заменик-претседател. Одлуката беше донесена на денешната седница на Собранието на Комората, која ги претставува сите доктори по медицина во земјава.
На седницата беа избрани и тројца потпретседатели: д-р Биљана Петковска Огњанова за примарно здравство, д-р Ленче Нелоска за секундарно здравство и д-р Ристо Тодоров за терцијарно здравство.

Од Лекарската комора посочуваат дека со изборот на Јанкуловски организацијата добива претседател со долгогодишно академско, менаџерско и клиничко искуство, кој во текот на својата кариера придонел за развојот на македонското здравство, високото образование и унапредувањето на дигнитетот на лекарската професија.
Јанкуловски најави дека негови приоритети ќе бидат заштитата на правата и статусот на лекарите, поголема транспарентност во работењето на Комората, дигитализација на процесите и активно учество во подготовката на законските измени во здравството.
-Голема чест и уште поголема одговорност е да се биде на чело на Лекарската комора. Мојот фокус ќе биде насочен кон заштита и унапредување на правата и статусот на сите лекари во нашата земја, унапредување на транспарентноста во работењето на Комората и дигитализација на процесите, активно вклучување на Комората во носењето на законските измени од областа на здравството и преку нови функционални решенија да придонесеме за креирање подобри услови за работа на докторите и лекување на пациентите – изјави Јанкуловски.
Проф. д-р Никола Јанкуловски е супспецијалист по абдоминална хирургија и долгогодишен редовен професор на Катедрата за хирургија при Медицинскиот факултет во Скопје.
Во текот на професионалната кариера бил директор на Универзитетската клиника за дигестивна хирургија, два мандата декан на Медицинскиот факултет во Скопје и два мандата ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.


































