Фото: Маја Јаневска Илиева / Илустрација

Вкупно 25 лица, од кои 13 ученици и 12 членови на персоналот, биле пренесени во болница по ослободување гас за време на работи за одржување на базен во приватен училиштен комплекс во атинското предградие Коропи, јави дописничката на МИА од Атина.

Поради инцидентот, лицата се пожалиле на респираторни проблеми, по што биле пренесени на болничко лекување. Меѓу возрасните се и двајцата работници ангажирани за одржување на базенот.

Од безбедносни причини, веднаш биле евакуирани основното училиште и градинката во рамките на комплексот. На местото интервенираат екипи на Противпожарната служба и возила на брзата помош.

Тринаесетте ученици биле пренесени во детска болница, а според неофицијалните информации, нивната здравствена состојба е добра.

Припадници на грчката Противпожарна служба се на терен и работат на безбедно санирање на просторот.