АД МЕПСО ја обновува програмата за студентско стипендирање, на иницијатива на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска. За академската 2026/2027 година ќе бидат доделени 15 стипендии во месечен износ од 12.000 денари, наменети за студенти од областа на електротехниката, информираат од Министерството.
Програмата беше презентирана на денешната средба со ректори, декани, професори и студенти од факултетите со кои МЕПСО има меморандуми за соработка.
Стипендиите ќе бидат распределени меѓу пет високообразовни институции во земјава, со по три стипендии за Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) во Скопје, Техничкиот факултет во Битола, Универзитетот во Тетово, Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и Универзитетот „Мајка Тереза“.
Генералниот директор на МЕПСО, Бурим Љатифи, истакна дека целта на програмата е не само финансиска поддршка за студентите, туку и нивно запознавање со работата и можностите за професионален развој во компанијата.
Министерката Божиновска посочи дека поддршката за младите инженери е важна за иднината на македонската енергетика, нагласувајќи ја потребата од посилна соработка меѓу универзитетите и компаниите.
– Сакам младите да ја видат својата професионална иднина тука, во својата земја, и да знаат дека имаат место во развојот на македонската енергетика – истакна Божиновска.
Од Министерството додаваат дека иницијативата е дел од пошироките активности за поврзување на образованието со енергетскиот сектор, развој на младите инженерски кадри и нивно задржување во земјата.































