фото: Фејсбук

Лидерот на албанската опозициска Демократска партија Сали Бериша денеска ги повика граѓаните од сите возрасти и со различни политички убедувања да се приклучат на утрешниот протест за поддршка на студентите нагласувајќи дека победата на нивниот бунт е исклучително важна за иднината на земјата, јави АТА.

На прес-конференцијата тој истакна дека поддршката за студентите треба да биде широка и масовна.

– Успехот на студентскиот бунт е успех за секој албански граѓанин кој ја сака оваа земја. Тоа е успех на Албанците од сите возрасти и со различни убедувања, кои сакаат да го градат својот живот во Албанија – посочи Бериша.

Тој ја оцени како исклучително значајна истрајноста и решителноста на студентите додавајќи дека тие ја заслужуваат целосната поддршка од граѓаните.

Протестите во Албанија започнаа во Тирана на 13 октомври, како израз на незадоволство поради лошите услови на универзитетите, високите трошоци за високото образование, недоволната финансиска поддршка за студентите и ограничените можности за вработување по дипломирањето. Во изминатите денови, демонстрациите минуваа низ периоди на ескалација и на релативно смирување.

Демонстрациите брзо прераснаа во антивладини протести на кои беа упатени барања за оставка на премиерот Еди Рама и за формирање техничка, односно преодна влада. Потоа следуваа судири со полицијата, подметнување пожари и предизвикување материјална штета на јавни објекти и деловни субјекти, при што стотици учесници беа приведени.

Бериша и претходно ја изразуваше својата поддршка за студентските протести. Лидерот на Демократската партија на 31 октомври организираше и национален протест во знак на поддршка за студентите кои протестираат. Претходно годинава, неговата партија организираше серија протести со барање за оставка на владата на социјалистот Еди Рама, формирање преодна влада и одржување слободни избори.