Фото: Маја Јаневска Илиева

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека Народната банка и Владата располагаат со инструменти со кои целосно ја контролираат состојбата со Алта банка, нагласувајќи дека нема простор за загриженост. Според него, целта е да се спаси банката, за која смета дека е здрава финансиска институција, пренесе МИА.

По пуштањето во употреба на третата фаза од системот за наводнување „Страиште“ во Општина Валандово, Мицкоски беше прашан за обвинувањата на СДСМ дека ниту еден од двата предложени модела за Алта банка нема да даде резултат.

Премиерот оцени дека Владата и опозициската партија имаат различни цели, посочувајќи дека власта се обидува да најде решение и потенцијален купувач, додека, според него, СДСМ се радува на негативни сценарија.

Мицкоски увери дека сите доверители и штедачи ќе бидат обесштетени до последниот цент, доколку дојде до такво сценарио. Тој посочи дека најголемиот дел од штедните влогови се осигурени во Фондот за осигурување на штедни влогови, а активата на банката е поголема од побарувањата.

-Но, ние се трудиме да не дојде до тоа, односно до ова црно сценарио за коешто СДСМ се моли секој ден, односно да најдеме купувач. Следните неколку денови, заедно со гувернерот и министерката за финансии, ќе имаме средби со повеќе финансиски институции коишто би можеле да бидат потенцијални купувачи на банката – истакна Мицкоски.

Тој оцени дека опозицијата се обидува политички да се афирмира преку, како што рече, кризата увезена од Србија, користејќи невистини и црни сценарија за да привлече внимание.

Мицкоски ги повика граѓаните да не веруваат во, како што ги нарече, невистините, потсетувајќи на претходни тврдења за носење мигранти и банкрот на државата, кои, според него, не се оствариле.

Проблемот со Алта банка има последици и врз македонските компании

Премиерот повтори дека проблемот е поврзан со состојбите во Србија, каде што, според последните информации, менувачниците го ограничиле менувањето евра на 300 до 400 евра.

Тој оцени дека ограничувањето на конверзијата на динари во евра претставува сериозен индикатор за стабилноста на тамошниот банкарски систем.

Мицкоски изрази надеж дека ќе биде избегнато најнеповолното сценарио, посочувајќи дека Србија е значаен трговски партнер на Македонија и дека голем број домашни компании соработуваат со српски фирми.

Според него, дел од македонските компании веќе се соочуваат со проблеми поради блокираните сметки и средства на нивните партнери во Алта банка, а некои од српските компании со кои соработуваат веќе ги затвориле своите бизниси.

На крајот, Мицкоски изрази надеж дека наскоро ќе биде формирана новата влада во Србија, која, како што рече, ќе води проевропска и реформска политика, што е важно и за Македонија.