Фото: Маја Јаневска Илиева

Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека податоците на Државниот завод за статистика за трговската размена во септември годинава покажуваат историски најголема разлика во растот на извозот и увозот во корист на извозот.

Според него, извозот во септември бележи раст од 22 до 23 проценти во евра, додека увозот се зголемил за 8 до 9 проценти, и тоа во услови на, како што рече, историски најголема енергетска криза.

-Многу побргу растеме како извоз отколку како увоз – истакна Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање при посетата на Пирава.

Премиерот посочи дека анализата на податоците за третиот квартал од годинава покажува дека разликата меѓу увозот и извозот е намалена за 85 до 86 милиони евра во споредба со истиот квартал лани.

Според Мицкоски, тоа значи дека повеќе девизи влегуваат во државата.

Тој упати критики кон опозицијата, наведувајќи дека намалувањето на разликата меѓу увозот и извозот е позитивен показател за економијата.

-За нивна жал, а за доброто на граѓаните, оваа Влада работи и испорачува резултати и тие резултати се гледаат низ призмата на бројките, а не низ призмата на гола политика, конструкции и лаги што тие ги кажуваат – рече Мицкоски, коментирајќи ги последните податоци на ДЗС за увозот и извозот.