Фото: ЕПА

Стратешките определби на Пекинг потврдени на петтата пленарна седница

Дваесеттиот Централен комитет на Комунистичката партија на Кина минатата недела ја одржа својата петта пленарна седница во Пекинг, усвојувајќи важни заклучоци за функционирањето на партијата. Со состанокот претседаваше Политбирото на Централниот комитет. А генералниот секретар на Централниот комитет, Си Џинпинг, одржа важно обраќање.

На седницата присуствуваа вкупно 162 члена и 117 кандидати за членови на Централниот комитет. На состанокот, без право на глас, присуствуваа и членови на Централната комисија за дисциплинска инспекција, како и раководни лица од соодветните оддели. Исто така, без право на глас, присуствуваа и одредени колеги од основните партиски организации, како и голем број експерти и научници, кои се делегати на 20-тиот Национален конгрес на Партијата.

Централниот комитет го разгледа и дискутираше извештајот за работата на Политбирото, кој во име на Политбирото го поднесе Си Џинпинг. Исто така, беше разгледана и усвоена Резолуцијата на Централниот комитет на Комунистичката партија на Кина за одредени клучни прашања поврзани со истрајувањето во целосното и цврсто внатрепартиско управување. Си Џинпинг притоа даде појаснувања во врска со нацрт-резолуцијата.

На седницата, Централниот комитет целосно ја потврди работата на Политбирото во периодот по четвртата пленарна седница на 20-тиот Централен комитет.

На седницата беа истакнати водечките принципи за истрајување во целосното и цврсто внатрепартиско управување: служење на мисиите и задачите на партијата; поставување на политичкото зајакнување на партијата како основен принцип; спроведување строго управување во сите сфери; примена на пристап насочен кон решавање проблеми; придржување до основните начела при истовремено отворање нови патишта; примена на пристап „од горе надолу“; и водење на партијата во согласност со прописите.

Беше нагласено дека зајакнувањето на партискиот дух претставува фундаментална задача во напорите за обезбедување целосно и цврсто внатрепартиско управување. Исто така, беше нагласено дека цврстото управување со кадрите (функционерите) е клучот за целосно и цврсто внатрепартиско управување. Беше истакнато дека преземањето сеопфатни мерки за да се осигури дека функционерите немаат ниту дрскост, ниту можност, ниту желба да се впуштат во корупција, што претставува важна стратегија за целосно и цврсто внатрепартиско управување, како и темелна насока во борбата против корупцијата. Партијата не толерира никаква корупција, бидејќи таа нема свои посебни интереси, освен интересите на работничката класа и на најголемото можно мнозинство од народот, како што беше соопштено.

Меѓу другото беше нагласено и дека зајакнувањето на партиските прописи и институции претставува долгорочна, фундаментална стратегија за обезбедување целосно и цврсто внатрепартиско управување.

Проучувањето и спроведувањето на водечките принципи од оваа пленарна седница претставуваат значајна политичка задача за целата партија, како сега, така и во претстојниот период. Исто така, беше истакнато дека сите аспекти од работната агенда треба постојано да се унапредуваат в пресрет на новата година.

На седницата, Централниот комитет одлучи Партијата да го свика својот 21-ви Национален конгрес во Пекинг, во втората половина на 2027 година. Беше наведено дека овој конгрес – кој ќе се одржи во клучна фаза за суштинско остварување на социјалистичката модернизација и на новиот пат кон Втората стогодишна цел – ќе биде исклучително важен собир и настан од големо политичко значење, како за Партијата, така и за земјата.

– Целата Партија мора да се обедини и да го предводи кинескиот народ, со едно срце и еден ум, кон остварување на целта за суштинско реализирање на социјалистичката модернизација. Исто така, потребно е постојано да се отвораат нови хоризонти во изградбата на голема земја и во унапредувањето на националната ревитализација на сите полиња, преку кинескиот модел на модернизација. Со конкретни дејствија, ќе создадеме услови за успешно одржување на овој конгрес – се вели во соопштението

На седницата, сите членови на Партијата беа повикани поцврсто да се обединат околу Централниот комитет на Партијата, со Си Џинпинг во неговото јадро, и целосно да ја спроведуваат „Мислата на Си Џинпинг за социјализам со кинески карактеристики за нова ера“. Тие беа повикани посветено и претприемнички да чекорат напред, доследно да спроведуваат целосно и цврсто внатрепартиско управување, и постојано да отвораат нови патишта во надзорот, управувањето, развојот и зајакнувањето на Партијата. Исто така, беше наведено, дека треба да го обединат и предводат кинескиот народ од сите етнички групи во неуморните напори за изградба на Кина како голема, модерна социјалистичка земја во секој поглед, и за унапредување на националната ревитализација на сите фронтови преку кинескиот модел на модернизација. Н.М.