Северна Рајна-Вестфалија е еден од значајните политички и економски партнери на Македонија во Германија, а целта е добрите односи да се преточат во нови економски можности и конкретни проекти, истакнува министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
Во објава на Фејсбук, Муцунски информира дека македонската делегација, предводена од премиерот Христијан Мицкоски, во рамките на работната посета на германската покраина остварила средба со нејзиниот премиер Хендрик Вуст.
– Во фокусот беа политичкиот и економскиот дијалог, институционалната соработка, инвестициите, технолошкото поврзување и продлабочувањето на врските меѓу компаниите и институциите – наведува Муцунски.
Тој посочува дека бројни компании од Северна Рајна-Вестфалија веќе инвестираат во Македонија, а посебно значење има и бројната македонска дијаспора, која претставува важен мост меѓу двете општества и дополнителен потенцијал за економско и општествено поврзување.
Според Муцунски, разговорите се надоврзуваат на интензивираниот дијалог во претходниот период, како и на Заедничката декларација за намери за соработка за периодот 2026–2030 година, потпишана за време на неговата претходна посета на Диселдорф.


































