Претседателката Гордана Силјановска-Давкова денеска во Брисел учествуваше на самитот за проширувањето на Европската Унија, организиран од „Еуроњуз“ (Euronews), на кој порача дека дијалогот меѓу Унијата и земјите кандидатки мора да биде суштински и рамноправен. Таа нагласи дека Македонија очекува еднаков третман со другите кандидатки, врз основа на исти правила и стандарди.
Од Кабинетот на претседателката соопштија дека Силјановска-Давкова се повикала на мислењето на Бадинтеровата комисија од 1992 година, со кое било утврдено дека Словенија и Македонија ги исполнуваат условите за меѓународно признавање, особено во однос на уставното уредување и заштитата на човековите и малцинските права.
Според неа, по повеќе од три децении се наметнува прашањето зошто Словенија е членка на Европската Унија, додека Македонија сè уште ја чека својата европска перспектива. Таа оценила дека тоа укажува на недостиг од политичка волја кај одредени соседи.
Осврнувајќи се на уставните измени, претседателката потсетила дека со Преспанскиот договор во 2018 година државата го променила уставното име, при што на граѓаните им било претставено дека станува збор за последната пречка на патот кон европската интеграција.
Таа нагласила дека новото барање за промена на Уставот, кој досега бил менуван 36 пати, најчесто под надворешен притисок, не може да гарантира дека нема да следуваат нови барања. Притоа посочила дека одлуката за уставните измени е во надлежност на Собранието, а легитимитетот на пратениците произлегува од граѓаните.
Според Силјановска-Давкова, Европската Унија не е само политичка и бирократска машинерија, туку заедница на вредности и принципи. Повикувајќи се на основачките документи на Унијата и одредбите за почитување на националниот и културниот идентитет, таа истакнала дека различноста е една од темелните вредности на европското единство.
Надоврзувајќи се на претходното обраќање на хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, претседателката повторила дека Македонија очекува еднаков третман со другите земји кандидатки, како и рамноправно вклучување во подготвителните активности за пристапните преговори и можност за напредување согласно исполнетите услови.
Таа оценила дека политичката волја не треба постојано да се очекува само од земјите кандидатки, туку треба да ја покаже и Европската Унија, особено преку изнаоѓање креативни решенија за надминување на долгогодишниот застој.
Како една од можностите за придвижување на процесот, Сиљановска-Давкова ја посочила постепената интеграција преку пристап до единствениот пазар, комитолошките механизми, дигитализацијата и другите европски политики.
Претседателката истакнала и дека државата има целосна усогласеност со надворешната и безбедносната политика на ЕУ, како и јасна евроатлантска определба како членка на НАТО.
Во однос на реформите, оценила дека постојат капацитети за напредок во владеењето на правото, правосудството и борбата против корупцијата, но дека нивното спроведување бара внатрешна политичка волја, како и поттик од Европската Унија.
Говорејќи за односите со Бугарија, Силјановска-Давкова потсетила на досегашните средби со бугарските претседатели и владини претставници, нагласувајќи дека ќе продолжи да се залага за дијалог.
Самитот беше посветен на следната фаза од проширувањето, напредокот и реформите во земјите кандидатки, како и на институционалните предизвици со кои се соочуваат земјите аспирантки и Европската Унија.
Во рамките на посетата на Брисел, Силјановска-Давкова ќе оствари средби со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, и со врховниот командант на сојузничките сили во Европа, генералот Алексус Грегори Гринкевич, во Врховниот штаб на сојузничките сили во Европа (SHAPE), во Монс. Предвидени се и средби со претставници на европските институции.

































