Фото: Маја Јаневска-Илиева / Илустрација

Хакерски напади врз системите за контрола на ладењето во супермаркети и компании од прехранбената индустрија се регистрирани во повеќе европски земји, предизвикувајќи нагло зголемување на температурите и уништување на големи количества храна. По инцидентите во Италија, Грција и Германија, властите ги засилуваат мерките за заштита, а сајбер-безбедносните служби предупредуваат на сериозни ризици за прехранбениот сектор, пишува „Ројтерс“.

Во Италија, напади се пријавени во шест продавници на Сицилија, угостителска компанија во Тоскана и производител на замрзната храна во Емилија-Ромања. Владата денеска ќе одржи итен состанок со претставници на Националната агенција за кибербезбедност и разузнавачките служби.

Слични инциденти претходно беа регистрирани во Белгија, Шведска, Луксембург, Холандија, Финска, Ирска и Естонија, каде што хакерите од далечина ги менувале температурите во разладните системи, во некои случаи и до 50 степени Целзиусови.

Италијанската Национална агенција за кибербезбедност ги повика операторите во малопродажбата и логистиката на храна да проверат дали нивните системи за контрола и далечинска поддршка се изложени на интернет. Меѓу препорачаните мерки се изолирање на системите од корпоративните мрежи, зајакнување на далечинскиот пристап преку VPN и повеќефакторска автентикација, следење на привилегираните кориснички сметки и ажурирање на уредите.

Последиците од нападите се почувствувани и во Грција. Сопственикот на месарница во Кифисија, северно од Атина, Јоргос Бумбас, соопшти дека разладните уреди во неговата продавница биле поставени на дури 150 степени Целзиусови.

Вработените го забележале проблемот рано утрината, првично мислејќи дека станува збор за технички дефект. И покрај современиот систем за мониторинг и автоматските известувања, не можеле да интервенираат рачно бидејќи немале пристап до системот. Според сопственикот, проблеми имало и во супермаркет и угостителски објект во близина.

Напади врз разладните системи се пријавени и во Германија, каде што на удар биле трговските синџири „Едека“ и „КАП“. Во супермаркет на „Едека“ во Баварија температурата во ладилниците достигнала 50 степени, по што големо количество прехранбени производи морало да биде фрлено.

И супермаркетите „КАП“ во Вупертал пријавиле надворешен напад, поради кој температурата во ладилниците се зголемила и производите станале неупотребливи. Синџирот е познат по вработувањето лица со попреченост.

Нападите врз разладните системи започнале во октомври во Франција, со инциденти во големи супермаркетски синџири како „Карфур“, „Интермарше“ и „Марше У“. Серијата напади низ Европа отвора сериозни прашања за безбедноста на индустриските системи и заштитата на синџирите за снабдување со храна.