Дванаесетто издание на една од најстарите планински трки во Македонија
На Селечка Планина, во близината на Прилеп, на околу еден час одење од манастирот „Свети Димитрија“ се наоѓа прилепската мома, карпа што наликува на мома со традиционална марама сликана во профил, како гледа кон хоризонтот. Според податоците, карпата е стара 400.000 години и е висока дури 67 метри.
Она што веќе дванаесет години дополнително ги воздигнува Момата и нејзината автентичност е планинската трка „Момата рок треил“ именувана токму по ова карпа, која е чудо на природата.
Трката е во организација на планинарско-спортскиот клуб „Единак“ од Прилеп, в недела, на 8 ноември, со почеток во 10 часот. Стартната и целната позиција се лоцирани кај живописниот манастир „Св. Димитрија“ во прилепското село Селце, место што нуди суперуслови за ваков тип манифестации.
– „Момата рок треил“ е една од најстарите планински трки во Македонија, се одржува по 12. пат, со рекордни 313 пријавени тркачи. Оваа година долгата дистанца има неколку модификации, класичен скајрејсерски профил што ја прави малку попредизвикувачка, но и многу поживописна. Со шуми и сртови, планински змиулести патчиња, но и многу тежок карпест и технички терен. Трката е валоризирана од интернационалната асоцијација за планинско трчање ИТРА и моментално чека на ИСФ-сертификат – информираат организаторите.
Трката, која го носи името на препознатливата природна карпеста формација „Момата рок треил“, на учесниците им нуди две возбудливи патеки со различен интензитет, приспособени како за професионалци така и за рекреативци што сакаат да ги тестираат своите граници.
„Топташ треил“ е со должина од 9,5 километри. Идеална патека за оние што влегуваат во светот на треил-трчањето, со вкупно искачување од 466 метри и највисока точка на 1.108 метри надморска височина.
„Момата рок треил“ е долга 22,4 километри и е вистински предизвик за поискусните тркачи, бара добра кондиција и нуди уште подинамичен терен и прекрасни панорамски глетки.
Организаторите од ПСК „Единак“ споделуваат дека сè е подготвено за безбеден и професионално организиран настан. Покрај спортскиот дух, целта на трката е и промоција на алтернативниот туризам, како и природните убавини на Прилепскиот Регион и на Селечка Планина. С.Ј.
































