Владата преку повеќе мерки и активности им дава поддршка на домашните компании во процесот на технолошки развој и воведување иновативни модели во производството. Стратешка цел е јавната поддршка да се насочува кон мерки што создаваат долгорочна вредност за компаниите и економијата, со цел домашните бизниси да станат посилни, помодерни и подобро подготвени за настап на европските и светските пазари. Ова го истакна заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, на годишната индустриска конференција „MANUFACTURING 2026 – Трансформација кон иновации“.
Конференцијата се одржа во рамките на Меѓународниот саем за техника, технологија, енергетика и иновации „Енерго технома“ 2026, а ги обедини претставниците на индустријата, институциите и експертската јавност за дискусија за дигиталната трансформација, иновациите и зајакнувањето на конкурентноста на македонското производство.
Ристески оцени дека технолошкиот напредок и неговата примена во компаниите ја прават дигитализацијата неопходна за опстанок и развој на бизнисите.
– Ваквите саеми се уште едно потсетување за времињата во кои живееме, за технолошкиот напредок во светот и за компаниите кои го користат во нивното функционирање. Ние повеќе не говориме за потребата од дигитализација и воведување иновации во производствените капацитети, туку за нивната неопходност со цел компаниите да опстанат, да растат и да бидат конкурентни на меѓународниот пазар – рече Ристески.
Тој се осврна и на поддршката што Владата и Министерството за економија и труд им ја обезбедуваат на домашните компании за нивната дигитална трансформација, како и за развој и воведување иновативни технолошки процеси со цел зголемување на конкурентноста на меѓународните пазари.
Годишната индустриска конференција „MANUFACTURING 2026 – Трансформација кон иновации“ ја организираа Македонското здружение на металната и електроиндустријата (MAMEI), Стопанската комора на Македонија и Европскиот дигитален иновациски хаб – ДигитМАК.
































